Епска е нашата столетна борба за слобода во која се нижеа падови, но и победи, една ретка крвава драма, препочна со страдања, горчина, треперења и мирис на барут кој подеднакво ја пратеше и нашата копнеж за слобода и верувањето во идеалите, ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање од Ташмаруништа.

Како што рече Мицкоски, денес би сакал да говорам малку и за стратегијата на власта преку која сака да постигне две значајни цели за нив. Првата, да ја обвини Европската Унија и меѓународната заедница дека тие се виновни за ова што и се случува денес на Македонија, а не неспособноста, поданичкиот и предавнички карактер на власта и втората цел е да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет. Сигурно си го поставувате прашањето како тие би ја реализирале првата цел, кога вакви политичари, безрбетници кои коленичат каде стигнат, Македонија нема ниту чуено ниту видено во својата независност? Ќе ве потсетам драги пријатели, браќа и сестри на нападите во медиумите од страна на владините гласноговорници кон поранешниот француски амбасадор, г-динот Тимоние кога Франција бараше измена на претпристапната методологија, или пак месеците потоа кога цела Европска Унија и врвните политичари од ЕУ беа виновни затоа што добивавме вето. Тоа е инженерингот што криминалната власта изминативе години го правеше.

-Преку платените гласноговорници обвинуваа и ја убедуваа јавноста дека ЕУ ни е виновна за неправдата создавајќи преку таквата кампања во народот гнев и недоверба кон ЕУ, а позади завесата го подготвуваа завршниот чин на предавството кое го завршија оваа година и се разбира во целиот тој период не престанаа да крадат и да го пљачкосуваат народот. Втората е да го нападнат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет преку сопствените инсталации во опозицијата и помеѓу македонскиот народ, а кои се ништо повеќе од полу свет за кој ќе зборувам малку подоцна. Не смееме браќа и сестри да конзумираме од измамите на власта и нивните лакеи во опозицијата. Не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ. Драги пријатели, недалеку од овде има три фабрики кои потекнуваат од ЕУ и илјадници наши сограѓани своите семејства ги хранат, директно или индиректно работејќи во или со тие фабрики. Илјадници граѓани на ЕУ годишниот одмор го поминуваат недалеку од овде на охридско/струшкото крајбрежје, да бидеме супер домаќини, чесни и честити како што може Македонецот да биде, вредни и скромни, секогаш пријателски расположени, па следната година да ги убедиме повеќе туристи од ЕУ да не посетат. Ве молам да не дозволиме на инсталациите на власта, тие лакеи во форма на полусвет да не поделат и фрагментираат. Тие се платени со вашите пари, вашите крадени пари или пак се уценети и чекаат милост од власта. Ќе си го поставите прашањето, кој е излезот? Излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. Тоа е единствениот пат, рече Мицкоски.