Христијан Мицкоски, лидерот на „ВМРО-ДПМНЕ“ вечерва од студиото на ТВ21, во дебатниот магазин „Клик Плус“ искажа замерки кон тоа министерот за надворешни работи Бујар Османи да преговара со Бугарија за идентитетот, јазикот и за Гоце Делчев.
„Ако имаме поделби во општеството, најслаби сме во ковид, и да не ги набројувам другите. Сега наместо да работиме на ова, ние ја толкуваме изјавата на Петков, новиот премиер на Бугарија. Тој дал малку покомотна изјава. Никаде не вели дека ја напушта Резолуцијата на бугарскиот парламент, а таа е катастрофална. Вели ние сме обединети околу Резолуцијата и ќе ја надградиме, со тоа што ќе формираме комисија и ќе преговараме во следните шест месеци.
За следниот ден да биде надсинхронизиран од Радев, од Вигенин и од познатиот за македонската јавност, најголемиот македономрзец Џамбаски. За да каже тој дека Македонија била втора бугарска држава. И вие со такви политичари очекувате да добиеме датум?“, прашува Мицкоски.
Тој кажа дека колку повеќе молиме и колку повеќе го губиме нашиот преговарачки маневарски простор, толку поголеми ќе бидат барањата.
„Да преговараме за тоа кое ќе не однесе два века напред. Треба да сме сериозни. Политиката е сериозна работа, ова не е циркус. Треба повторно ќе кажам да имаме јасен правец и стратегија. Овие луѓе немаат. На аеродроми зборуваат за иднината на македонскиот народ. Никој нема право да зборува за мојот идентитет. Кој е тој политичар кој ќе бара решение за македонскиот јазик? Тоа е мојот идентитет. Како смее да се дрзне некој да го спори мојот јазик? Тоа не се преговара. Ви кажува Бујар Османи дека имал решение за македонски јазик. Со кое право се дрзнува? Без гласот да го слушне на мнозинскиот етникум, да преговараш за идентитет, право, јазик. Кој му го дал тоа право? Јас не сум му го дал“, рече Мицкоски и додаде:
„Еве една парадоксална ситуација. Од една страна наметнуваме едноцентрична теза премиер Албанец, од друга страна Албанец преговара за мојот јазик. Немам против да има премиер Албанец. Зошто има тој против мојот јазик да преговара? Зошто не рече дека тоа не е предмет на преговори? Кој е тој да преговара за мојот јазик, идентитет, Гоце Делчев?“, прашува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.