Ние сега немаме француски предлог, туку бугарски договор, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги односите со нашиот источен сосед и европскиот пат на земјава.

Во гостување во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија Мицкоски посочи дека прифаќањето на т.н. француски предлог е огромна и катастрофална грешка која ја направи Владата, бидејќи, како што рече „не ги отпочна преговорите“.

„Ако ги отпочнеа преговорите чуму сето ова околу менувањето на Уставот? Не требаше да има дополнителни услови бидејќи Албанија нема“,рече Мицкоски.

Според него, задача на идната Влада, која како што рече ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, е да ги корегира грешките.

„Тоа што тие го погрешија, треба да го корегираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го корегира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина“,рече Мицкоски.

Во врска со уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, Мицкоски повтори дека ставот на партијата е оти дека нема да ги поддржи затоа што не смета дека тоа е последната препрека.

„Сега немаме уценети пратеници кои за уши се носеа во 5 за 12 да гласаат. И разликата од тогаш до сега е што нема други структури во партијата кои веруваат дека тој чекор е добар. Сега пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е необремената од потенцијални закани за затвор преку фингирани политички процеси, а во раководството на партијата има монолитност и кохезија по ова прашање, вели Мицкоски.