Гоце Делчев за мене е Македонија. Тој со неговото дело и неговата борба за независна суверена македонска држава во срцето на Балканот нè задолжи неа да ја чуваме, негуваме и развивме за генерациите после нас да се сеќаваат на неговото големо дело и за Македонија и за македонскиот народ чија нераскинлива алка е овој човек, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Затоа, нагласи Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ денеска во рамките на македонското Собрание ќе поднесе и декларација со која, како што рече, сакаат да добијат поддршка од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни, за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.
„Очекувам сите политички партии без разлика дали се парламентарни или се надвор од Парламентот да ја поддржат декларацијата“, рече Мицкоски кој не сакаше да даде повеќе детали за содржината на декларацијата и најави посебна прес-конференција на оваа тема во Собранието.
На прашањето за став во врска најавата за заедничко чествување на Гоце Делчев, Мицкоски нагласи дека нема ништо против ако се слави тој како голем Македонец и македонски син.
Мицкоски, со делегација на партијата ВМРО-ДПМНЕ положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев.