Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на Фејсбук даде поддршка за Израел.
Изрази сочувство за секој изгубен живот, и се надева дека брзо ќе се смират немирите за да сите луѓе во тој регион живеат во мир.
„Внимателно ја следиме состојбата во Израел, значајното зголемување на насилствата, вклучително и постојаниот напад од ракетен оган од Појасот Газа кон Израел. Испалувањето на ракети од Газа насочени кон цивилното население на Израел е целосно неприфатливо и дополнително ги зголемува тензиите во регионот. Истовремено го издвојуваме правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас. Апелираме кон политичките лидери во Израел и во регионот да продолжат со вложување на искрени напори за деескалација на судирите и одлучно да дејствуваат против екстремизмот кој создава сериозни безбедносни проблеми и го загрозува животот на цивилното население“, пишува Мицкоски.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху предупреди дека израелските напади врз Појасот Газа нема наскоро да прекинат. Се засилија нападите врз таа палестинска територија во кои се убиени над сто луѓе за само пет дена.