Изминатите сто дена преку своите градоначалници ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека умее, дека може и дека ги менува работите. Покажавме дека има разлика тоа што го работи ВМРО-ДПМНЕ и тоа што го распродава, краде и уништува СДСМ. Тоа го истакна партискиот лидер Христијан Мицкоски денеска од Охрид каде отчет на сработеното во првите три месеци од мандатот дадоа градоначалниците на Охрид, Македонски Брод, Демир Хисар, Вевчани, Брвеница и Јагуновце.
Мицкоски истакна дека промените започнале скромно, но силно и се повеќе се интензивираат, дека истите се, како што рече, „најава на иднината за која вреди да се бори, во која се верува“.
– Не не плашат критиките на СДСМ и Владата кои не можат да се надраснат себеси и да кажат дека е добро сработеното и покрај сите препреки и покрај сите опструкции кои ги прават кон локалната власт. Секои од започнатите повеќе од 1.090 проекти од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ овие 100 дена е огледало на немоќта на СДСМ и нивната безидејност. Отчет за 1.090 започнати проекти во првите 100 дена наспроти нула отчети за нула започнати проекти во општините на СДСМ и ДУИ. Тоа е значајната предност и разлика и на тоа се базира довербата на граѓаните и енергијата на оваа нова генерација на градоначалници, луѓе во политиката која прави промени за нашата заедничка иднина. Секое наше ветување е обврска зад која се уште стоиме и за која ќе се бориме. Да не заборавиме што затекнавме – хаосот, безредието, затворените општини, корупција, енормно презадолжените општини, неработа, неспособност, сето тоа започнавме да го менуваме, рече меѓу другото лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека секако е потребно и подобро и оттаму ветување дека нема да се застане, нема граѓаните да бидат изневерени.
– Бевме заедно кога имаше поплави, кога имаше пожари, кога тутунот не се откупуваше и кога власта ги затвораше вратите за народот. Ние заедно со народот, со луѓето од Македонија од сите вери и нации се боревме за иднина. Затоа продолжуваме да работиме за промени кои мора да се подлабоки и пошироки и ова е почетокот за нашата заедничка визија, за иднината за која се бориме, иднината која ја заслужувате за градоначалници коишто се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое заедно мораме да го менуваме. Ќе се избориме за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи затоа што наша задача и наша обврска се промените кои носат иднина за секој еден човек, рече тој.
Говорејќи за улогата на локалната самоуправа, Мицкоски посочи дека општините се крвотокот во една држава, местото од каде започнуваат промените за иднината.
Дел од обраќањето пред присутните лидерот на опозициската партија одвои за критики упатени до централната власт, меѓу другото и за инфлацијата за која рече дека го јаде покачувањето на минималните плати.
– Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите, со коефициентите предвидени со колективните договори, а коишто се однесуваат на сложеноста и тежината на работните места и работните задачи. Реалниот живот, пак, говори дека ако трошоците во 2019 година за едно четиричлено семејство беа околу 32 илјади денари, денеска две години потоа на крајот на 2021 година тие изнесуваат 35 илјади денари, рече тој посочувајќи на растот на цената на електричната енергија, животните намирници и „стагфлација“ – висока инфлација со стагнирање на економијата.
Според него, за само 48 дена од оваа година оваа Влада направи буџетски дефицит од 164 милиони евра или во проценти 30 проценти од планираниот Буџет за цела 2022 година.