Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во својата честитка по повод Денот на независноста порача дека идејата за перспективна Македонија никогаш нема да запре, а таква идеја живее во сите граѓани кои што живеат во нашата држава.
Денот на независноста е круната на борбата за независна, самостојна и суверена македонска држава, денот кога се исполни идеалот на Илинденците и борците од НОБ, но и илјадниците храбри синови и ќерки кои се бореа и ги положија своите животи за своја држава, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во честитката до граѓаните по повод 8-ми Септември
„Токму на 8-ми Септември 1991 година, на референдумот, народот во Македонија го оствари тој сон и започна сам да ја гради својата иднина и иднината на својата татковина, како рамноправна земја со сите останати во Европа и светот. Патот беше и се уште е трнлив и со многу премрежија. Идејата за просперитетна Република Македонија никогаш нема да престане, особено сега, во време на економско тонење, анационални политики на власта и негирања од надвор. Таа идеа живее кај Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати кои ја сакаат својата Македонија како свој дом, кој го наследиле од своите предци, но кој го должат на сите идни генерации“, порача Мицкоски.