Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва повторно го повика премиерот Зоран Заев на ТВ дуел.
-Го повикав Заев да излеземе на дебата, не се охрабри. Еве, повторно го повикувам на дуел, да ја кажеме вистината. Граѓаните заслужуваат да ја слушнат, рече Мицкоски во гостувањето на ТВ Сител.
Според него, исполнувањето на нашата домашна задача е клучно за да ги почнеме преговорите со ЕУ, а не прашањето со Бугарија.
-Најпрво треба да си ја исполниме домашната задача. Ако ние сме посакуваниот партнер, ова што се егзибиции кај нашиот источен сосед, набрзина ќе бидат маргинализирани, потенцира Мицкоски.
За време на престојот во Брисел, Мицкоски рече дека побарал ЕУ да го исполни ветеното.
Португалскиот предлог е одбиен, не постои, оцени Мицкоски, потенцирајќи дека тоа е реалноста. Заврши отстапката од македонската есенција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Сега треба да го добиеме тоа што ни е ветено.
Во однос на словенечкото претседателство, Мицкоски е убеден дека Јанез Јанша ќе стори максимум за земјава да ги почне преговорите. Словенечки предлог не знае дали ќе има, но треба да има, напомена, македонска понуда.
-Со Јанша ќе работиме на тоа процесот да се заврши и целосно ќе се ставам на располагање до локалните избори по кои многу работи на политичката сцена ќе се сменат. Убеден сум дека Јанша ќе даде се од себе земјава да ги почне преговорите, но ние мора да ја завршиме домашната задача. Имаме проблем со домашната задача. Се останато се решава. Словенечки предлог не знам дали ќе има, но треба да има македонска понуда, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со престојот во Брисел и разговорите што ги водел таму, Мицкоски рече дека не треба да ја изгубиме надежта дека земјава ќе биде дел од ЕУ. Ни беше ветено, повтори, а овој народ даде голема жртва.
-Имав можност од прва рака да слушнам од соговорниците во која фаза се наоѓаме. Тоа што можеме како држава да очекуваме е дека не треба да ја изгубиме надежта дека Македонија ќе биде дел од ЕУ и мора силно да работиме тоа да се случи, но за жал, цели три години откако е оваа Влада, имаме само егзибиционизам на домашен и меѓународен план. Се што не убедуваше, не се случи, тоа што требаше да е решение, за нас денес е пречка. Не би рекол дека тоа е само евентуалниот договор со нашиот источен сосед, туку и домашната задача која ние не сме ја завршиле: борбата со корупцијата и криминалот, неиспорачувањето на тоа што е земено како обвска – реформи во економијата, судството, обвинителството. Имаме многу работи да завршиме дома за да продолжиме. Според мене, оваа Влада нема капацитет и не знае како тоа да го заврши, тоа е суштинскиот проблем. Кога тој проблем би го немале, тогаш, убеден сум, многу брзо ќе го добиеме датумот за преговори, рече Мицкоски.
На прашањето дали ќе замине на одмор, Мицкоски одговори дека можеби ќе користи само по некој викенд и дека ќе биде фокусиран на средби во селата и градовите низ државава.
-Со пандемијата доста се одморивме. Ова е период кога треба да работиме. Може да искористам викенд на планини или езера во земјава, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.