Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во Дневникот на Сител телевизија го повика премиерот Зоран Заев на средба, затоа што како што вели државата и граѓаните се во грч, а се очекува сериозност и консензус за важните прашања.
„Го повикувам Заев на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници во ден и време кога тој ќе избере, стојам на располагање, ќе го прилагодам моето време онака како што на нему му одговара, да разговараме за сите оние проблеми коишто се од животно значење за граѓаните, од кризата од пандемијата, до работата на парламентот, за се што е денеска отворено, а нерешено, а стои на маса“, изјави Мицкоски во Вестите на Сител телевизија вечерва.
Според Мицкоски може да се постигне некаков консензус за случувањата.
Тој додаде дека е подготвен да разговара на секоја тема, за пописот, за пандемијата, за економијата, за блокираните евроинтеграции, за широки или концентрациони влади, за национален спас, затоа што граѓаните очекуваат да се постигне консензус за важните прашања, затоа што граѓаните се во грч, а состојбата е на раб на издржливост.