Освен пораки за Илинден, за чествувањето и важноста на овој голем празник, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој беше во стуршко Ташмаруништа, го искористи говорот да испрати и политички пораки. Повика на обединување со цел да се сруши Зоран Заев и како што вели најнеспособната Влада досега. Голем дел од неговиот говор го искористи да упати критики до Заев и владата.
-Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката од народот и сме пред прагот на победа, но во исто време предупредувам дека си имаме работа со нечесни луѓе. Го кажувам ова многу внимателно и многу свесно. Затоа разликата на изборите мора да биде поголема, а за да се случи тоа потребно е големо обединување и народ кој ќе излезе на избори.
Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ, и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жесток шамар за власта која ќе падне за неколку месеци веднаш по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе. Блок на различни, но со една цел, туркање на оваа власт. Овие локални избори не се само избори каде што вие ќе гласате за или против локалните авторите и медиокритети кои што се залегнати во своите фотелји, туку каква порака ќе испратите на тие кои упорно ги кандидираат и ги навредуваат вашиот ум и вашата интелигенција.
Но воедно ова обединување ќе покаже кој е кој, кој е маша на Заев, а кој води автентична политика за народот. Тие што нема да се обединат јасно е дека се Заевата испостава и народот треба кон нив да ги гледа како такви.
Воедно обединувањето значи дека ги надминавме разликите во опозицијата. Немаме повеќе животи за трошење. На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таква подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност кон народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука во Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, не нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, и за тоа испраќам апел за обединување против оваа корумпирана и криминална власт и рушење на локалните избори, беше дел од говорот на Мицкоски.