Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку фејсбук статус порача дека избори се ближат и дека се зголемуваат политичките притисоци, а според него и нарачките во обвинителството и судството. Тој ова го напиша по повод информациите дека тужбата на обвинителката Русковска за ВМРО-ДПМНЕ за користењето на нејзиниот лик во преизборен спот на партијата, Апелациониот суд ја врати на повторно одлучување, иако случајот е загубен во прв степен.
-Ако не е јасно зошто никој не се занимава со сузбивање на организираниот криминал, тоа е поради тоа што истите луѓе се занимаваат со политички прогон. Тужбата на Русковска за видео спот од кампањата за парламентарните избори која ја загуби во прв степен, Апелациониот суд ја враќа на повторно одлучување. Апелациониот суд очигледно ја уважува “душевната болка и претрпен страв” од спот, во исто време кога кај народот душевна болка е тоа што наместо вакцини бркаа провизии, тоа што светски мафијаши се уште хараат низ Светот со пасошите на Спасовски, тоа што парите од рекетот никогаш не се дозна каде завршија, тоа што нема пари за лекување на граѓаните, а има за милионска противпожарна скала на Шилегов, вели Мицкоски кој порача дека правдата по изборите ќе ги стигне и нив.