Очекувам овој парламентарен состав многу скоро да го заврши својот мандат и потоа да одиме на брзи, предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали очекува во овој состав на Собранието да се постигне двотретинско мнозинство за усвојување измени на Уставот.

Прашан за коментар за излегувањето на Алтернатива и Демократски сојуз од Владата опозицискиот лидер одговори дека премиерот Димитар Ковачевски е „слеп послушник на Али Ахмети и Артан Груби“ и дека СДСМ досега  „никогаш немал послабо раководство“.

Пратеничка од Алтернатива, рече Мицкоски, вчера јавно кажа на говорница дека во ноември 2021 „македонската влада ја составувал Еди Рама и член од семејството на Адем Јашари“.

-Ковачевски со ова само потврдува дека е слеп послушник на Али Ахмети и, уште пострашно, на Артан Груби. СДСМ со ова раководство никогаш не бил во полоша состојба, СДСМ никогаш нема послабо раководство, изјави Мицкоски на настан во Кавадарци и ги повика пратениците од СДСМ кои не се согласуваат со политиките на раководството да им се придружат за спас на Македонија која, како што рече, оди во пропаст.

Со тоа ќе ја спасат и СДСМ, додаде Мицкоски, која постои над три децении и е наследник на Сојузот на комунисти, има своја традиција и „не би било добро овие луѓе кои сега раководат да го згаснат СДСМ“.

-Затоа апелирам до пратеници на СДСМ, до сите оние кои минатиот период даваа знаци, рефлектираа позиции кои се различни од раководството, и покрај притисоци од полукриминални структури управувани од раководството на партијата, одважете се, застанете му на патот на раководството односно на двајца-тројца од раководството кои ја уништуваат иднината на Македонија и на македонскиот народ. Немојте да бидете заложници на Али Ахмети и да дозволите Еди Рама да ја составува идната влада. Ова е наша заедничка Македонија, за која луѓе живот давале. Не дозволувајте Ахмети и Рама да ја водат Македонија во пропаст и да биде на колена.  Застанете до нас. Подадете рака како Македонец на Македонец… Тука сме, ви подаваме рака, изјави Мицкоски.

Тој рече и дека од вчера, кога Демократски сојуз соопшти дека излегува од валдината коалиција, немал комуникација со лидерот на таа партија Павле Трајанов.