Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција покажа список со, како што вели, потписи од 61 пратеник кои го сочинуваат новото парламентарно мнозинство, што, според него, покажува дека оваа влада паѓа.
-Во периодот што следува ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи ако сум сигурен дека ќе биде влада на сериозен кредибилитет, со силни институции што ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите – изјави Мицкоски, додавајќи дека негова цел е формирање на политичка влада која ќе го истера мандатот до 2024 година.
Ако не се постигне оваа цел и не обезбеди полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, тогаш, додаде тој, единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори.
-Ја очекуваме оставката на Зоран Заев до парламентот во понеделник. Во спротивно, ја отпочнуваме постапката за изгласување на недоверба на владата – рече Мицкоски, обвинувајќи ја владата дека се плаши дека ќе ги загуби привилегиите.
Исто така, тој посочи дека очекува актуелното мнозинство дополнително да расте со нови пратеници, со цел да биде поразен СДСМ, но и да се развласти ДУИ. Мицкоски рече дека се уште не е одлучено дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори, или пак ќе се формира политичка влада.