Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара брзи предремени избори, за како што вели нова Влада, која би имала целосен легитимитет од граѓаните.

-Неспорен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводевме на локалните избори е апсолутен победник. Победивме во 42 општини, плус градот Скопје, ако се има во предвид дека во Маврово Ростуше водевме, но таму не успеаја изборите поради цензусот, тогаш се 43 општини плус градот Скопје. Разликата на советничките листи во првиот круг од изборите споредено со СДСМ е повеќе од 55 илјади гласови, доколку се земат првиот и вториот круг во предвид разликите со кои ВМРО-ДПМНЕ победи тогаш доаѓаме до 110 илјади гласови разлика. Надежта за нова иднина е родена и тоа нам ни дава енергија да продолжиме со промените позади кои застанаа огромно мнозинство на граѓани. Статистиката која ја прочитав не е со цел да покажам некаква доминација, туку истото го разбирам како огромна обврска да не ги изневериме граѓаните, но и да продолжиме по нашиот пат на промени, вели Мицкоски, кој додава:

-Јасно дека Зоран Заев дури и да си поднесе оставка, министрите ќе продолжат да го преставуваат неговиот корумпиран систем кој на овие избори доживеа на два пати неуспех, два пати беше поразен. Дури и Зоран Заев да си оди, но владата да остане, Венко Филипче и понатаму ќе биде неуспешен министер кој што е рекордер по бројот на луѓе кои што ја изгубија битката со КОВИД пандемијата, Љупче Николовски и понатаму ќе биде нефункционален министер, а Македонија најкриминална и најкорумпирана држава во Европа, Мила Царовска и понатаму ќе продолжи да го уништува образованието, а Македонија ќе нема ниту еден универзитет во првите 2.000 според Шангајската лист, и така натаму, можам да ги редам сите неуспеси и сите неуспешни министри во оваа криминална влада која што до скоро ја предводеше и се уште Зоран Заев. На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада, и народот жестоко ги казни. Се ставам на страната на народот и неговите интереси.

Оттука прашањето кое легитимно се поставува е дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова влада, или пак нови избори за влада со нов кредибилитет која ќе одговара на фактичната реалност.

Пред да дадам одговор на овие две прашања, ново мнозинство или избори, потребно е да се има во предвид дека Македонија ја очекуваат кризни времиња каде стабилизирањето на институциите е од клучно значење, вели Мицкоски.