Ако сега има предвремени парламентарни избори, денеска да почне процедурата, држете ме за збор, ви гарантирам дека ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе има точно 61 пратеник, истакна вечерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој осврнувајќи се на влијанието на Демократската унија за интеграција, во однос на одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори, рече дека не зависи тоа од никој друг, освен од неговиот договор со премиерот Димитар Ковачевски.
– Ние ќе ја кроиме идината на нашата Македонија врз основа на потребите на граѓаните. Затоа бараме предвремени парламентарни избори, затоа што ние нема да дозволиме иднината да се крои во Мала Речица.Сигурен сум дека ќе освоиме 61 пратеник на изборите, нагласи Мицкоски во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“.
Мицкоски наведе дека СДСМ бегаат од избори бидејќи, како што рече, одредени луѓе во партијата се свесни дека никогаш повторно нема да го уживаат раскошот платен од парите на граѓаните, додека пак ДУИ затоа што никогаш пак нема да бидат поголем фактор од тоа што се денес во Владата на СДСМ.
– И тоа е причината зошто ниту ДУИ, ниту СДСМ не сакаат избори. СДСМ го разбирам, има луѓе кои што никогаш повеќе ќе ги немаат тие привилегии и сега тие викаат па не сум будала да одам на парламентарни избори кога јас повторно ќе можам да уживам во овој раскош што мене граѓаните ми го плаќаат. А од друга страна ДУИ си вели па никогаш ние нема да биде поголем фактор од ова што сме денеска, рече Мицкоски.
Тој повика да се изгласа една изборна единица, посочувајќи дека ако тоа се случи, за еден ден, министерот за правда Никола Тупанчевски ќе добие работни групи за Изборниот законик.
– Ајде утре, еве привремено ќе ја тргнеме блокадата да изгласаме сите заедно во Парламентот една изборна единица, да не бидат шест, другиот ден веќе ќе ги добие Тупанчевски тимовите кои ќе работат на измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека веќе се обиделе и со мнозински систем претходно но не наишле на поддршка од останатите политички партии. Запрашан дали тоа било некако флерт со помалите политички партии, Мицкоски рече дека во политиката може да се флертува со разни целни групи, но ова е принципиелен став кој трае неколку месеци. Рече дека тогаш се обиделе и не наишле на поддршка, но сега треба да се направи една изборна единица. Во однос на прашањето дека тоа не им одговара на ДУИ, Мицкоски рече дека тоа треба да ги прашаат во ДУИ бидејќи тие не се коалициски партнер.
– Видете сега една чудна ситуација, СДСМ е коалициски партнер и со ДОМ на Морачанин, ЛДП на Милевски, Народна на Ѓеорѓиевски, ДС на Павле Трајанов кои што се обединети во барањето за една изборна единица. Но, истовремено е партнер и со ДУИ кој вели никако една изборна единица, сега не сме ние тие кои треба кај нив да ги решаваат недоразбирањата. Но еве, јас ја фрлам ракавицата бидејќи Тупанчевски бара тимови преку медиуми бидејќи официјално никој од нас ништо не побарал, еве јас велам утре во Парламентот да изгласаме една изборна единица и потоа, веќе задутре да ги номираме тимовите, додаде Мицкоски
Тој најави дека ќе преземат и други чекори освен активната блокада на Собранието што ја стартуваа вчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ќе има и други чекори, нема да биде само блокадите, ќе треба органите на партијата да се произнесат за тие други чекори, посочи Мицкоски.
Тој нагласи дека активната блокада значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги блокира законите кои значат подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Тоа подразбира, не и блокада на законите кои се во интерес на граѓаните или закони кои индиректно ќе влијаат врз квалитетот на животот, се останото, како што беше оној шверцески обид да се протне законот за игри на среќа, на сето она што се однесува за граѓаните, повисоки плати, повисоки пензии, повисок стандард на живот, ние немаме намера да блокираме, непротив ќе го поддржиме, потенцираше Мицкоски.
Изрази надеж дека на некоја од следните седници ќе се најде и заемот од Светска банка, во износ од 60-на милиони евра, кои ќе бидат искористени за подобрување на инфраструктурата на локалните самоуправи.
– Ние сме политичари и работиме во интерес на граѓаните, тоа што ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори во 2021 години, никој не можеше да го предвиди кога во 2020 беше потпишан заемот. Парадоксот е што тој беше заглавен во Законодавно правна комисија со која претседава кадар на СДСМ, од една страна го напаѓаме ВМРО-ДПМНЕ дека блокира, а од друга страна власта е таа која што кочи таму има милион евра за Струга, таму нема градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оцени дека државата не оди во вистинска насока, а Владата на СДСМ нема капацитет да ги реши проблемите со кои се соочуваат граѓаните, додавајќи дека токму затоа легитимно е како опозиција да бараат одржување на предвремени парламентарни избори.