И официјално ВМРО-ДПМНЕ ја започна постапката за иницијативата за собирање потписи за распишување референдум откако напладне до Државната изборна комисија, претседателот на партијата Христијан Мицкоски ја поднесе иницијативата за да се организира собирање на 100 потписи со кои што ќе биде доставена до Собранието, на која рече дека самиот тој прв ќе се потпише. Стравува ли Мицкоски дека референдумот нема да помине во парламентот, откако веќе најголем дел од пратеничките групи се изјаснија дека не го поддржуваат. Тој самиот на два пати изрази сомнеж дали ќе се случи референдумот.

-Ја поднесовме граѓанската иницијатива со референдумското прашање – Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Нормално доколку референдумот се случи, тогаш граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со За, подразбира дека на тој начин престанува да важи овој Договор со Република Бугарија или против, односно останува да важи овој Договор со Република Бугарија.  Се надевам дека во најскоро време ќе бидат собрани тие 150 илјади потписи доколку дојдеме до таа фаза се разбира, вели Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија одговарајќи на новинарско прашање за можни опструкции, рече дека се очекува имајќи го предвид, како што наведе, „карактерот на хибридниот режим којшто во моментот е парламентарно тенко мнозинство“.

Мицкоски ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во која вели дека со овој референдум ние всушност би ги прекинале преговорите со ЕУ, посочувајќи дека тој често пати прави „политичка гимнастика во сопствените изјави“ и оти од ден на ден покажува дека не е достоен да ја извршува функцијата претседател.

-Се сеќавате, тој истиот Стево Пендаровски дури и сугерираше референдумско прашање и во една своја изјава кажа дека е тоа легитимен чин ако не се лажам  па потоа направи една гимнастика и се повлече од сето тоа за да денеска е најголем плукач на референдумското изјаснување. Ако сака да биде претседател на сите граѓани ќе мора да ја почитува и волјата на оние граѓани коишто се определуваат за опозицијата и коишто имаат различно мислење од власта. Јас навистина жалам што од ден на ден Стево Пендаровски потврдува дека не е достоен да ја извршува функцијата која што ја извршува, а тоа е претседател на сите граѓани и жалам што овој човек ќе има уште малку можност да биде таму каде што е, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, одржувањето на референдумот е одлична можност заедно со него на еден трошок да се организираат и предвремени парламентарни избори.

-Ја повикувам власта, парламентарното мнозинство да покаже демократски карактер, да се охрабри и да ги потврди своите политики на предвремени парламентарни избори коишто би се случиле заедно со референдумот, рече Мицкоски.

Прашан за тоа каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот објасни дека денеска треба да се соберат минимум 100 квалификувани граѓански потписи и во петок преку ДИК да биде доставена оваа граѓанска иницијатива до спикерот во Парламентот.

-Потоа следниот чекор е да тој веднаш ги достави до две собраниски комисии, а тоа е Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија коишто ќе одлучуваат дали иницијативата граѓанска е уредна или не е, рече Мицкоски.

Уште еднаш потенцира дека претстои тешка есен, а уште потешка зима. Веќе, како што кажа, има паника меѓу граѓаните.

-И доколку не се вразуми оваа вообразена власт и доколку не седне и вистински мерки да предложи тогаш навистина очекувајте катаклизмични резултати оваа есен и уште покатаклизмични резултати оваа зима, рече Мицкоски.