При денешната посета на општина Штип во рамки на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што точно мисли во изјавата за обединување истакна дека 20 години една политичка елита ја држи Македонија во заложништво, ја уценува и ги слабее институциите, и повика на обединување за прогрес и подобра иднина на граѓаните во Македонија.
„Да, честопати кога одиме на терен и кога разговараме со граѓаните го добиваме прашањето па добро што правите вие, каде сте вие, што прави ВМРО-ДПМНЕ и така натаму, и одговорот на тоа прашање го дадов и вчера на прес конференцијата, ќе го повторам и овде во Штип дека ВМРО-ДПМНЕ изминативе пет години од позиција на опозиција е на браникот на татковината и интересите на народот и граѓаните на Македонија, така и ќе продолжиме. И затоа вчера повикав на обединување околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои што ќе бидат исклучително важни за следните предвремени парламентарни избори, затоа што ни е потребно мнозинство да престане праксата на една политичка елита која што 20 години ја држи Македонија во заложништво и ја уценува, ја уназадува со своите непринципиелни уцени и наместо да гледа прогрес и да гледа иднина оваа политичка елита 20 години ги слабее институциите во Македонија. И тоа не го прави случајно тоа го прави со однапред осмислена стратегија, затоа ни е потребно обединување на македонскиот народ и на граѓаните во Македонија без разлика дали се тоа Македонци , Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми сите кои што не сакаат веќе оваа политичка елита што 20 години ја држи Македонија во заложништво, да ја држи во заложништво. Мора да си ја ослободиме Македонија од овие луѓе и конечно да завршиме со нив. Затоа повикувам на обединување и овде од Штип од Баби, повикувам на обединување за да си ја спасиме Македонија и да градиме иднина таква каква што овие граѓани заслужуваат да ја имаат“, нагласи Мицкоски.