Обвинителката Ленче Ристоска е убедена дека Сашо Мијалков и останатите обвинети ќе бидат соодвено казнети за нелегалното прислушување. Како што вели таа во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“, во 1992 аферата „Дувло“, остана неказнета, во 2000-та „Големото уво“, повторно аболицирани осомничените за прислушување. Во 2008-ма сведокот Ѓорѓи Лазаревски се приклучил кон системот, ги земал материјалите и потоа дознава дека се прислушува нелегално. Поради тоа Ристоска вели дека мора да има казни.

Во понатамошното образложение на обвинението и завршните зборови беше потенцирано дека Сашо Мијалков, тогашен директор на УБК и Горан Грујевски поранешен началник на Петтата управа, имале можност директно да прислушуваат. Мијалков се приклучувал под името „ДИРЕКТОР“ додека Грујевски со „ГГ“.

Ристоска вели дека токму Горан Грујевски кој е еден од обвинетите ја спакувал и однел опремата за прислушување за уништување, а на документацијата се потпишала тогашната министерка Гордана Јанкулоска.

Иако биле уништени материјалите, Ристоска вели дека кај телефонските оператори, поврзани со УБК, ги нашле незаконски следените разговори преку „веринт” постариот систем за следење на комуникациите.

Рочиштето на кое се изнесуваат завршните зборови во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното нелегално прислушување се одржува денеска.