Нов асфалт, стандардизирани тротоари и јавно осветлување се дел од проектот што се реализира на улицата „Методија Митевски“, информираат од кабинетот на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Денес, како што е соопштено, беше извршено асфалтирање на улицата, по претходно уредување и стандардизација на тротоарите. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и зголемување на безбедноста на пешаците и учесниците во сообраќајот.
Работите ќе продолжат со завршната фаза, која опфаќа поставување на јавно осветлување, со што просторот ќе стане побезбеден и пофункционален за сите жители.
„Во Чаир се реализираат конкретни проекти. Реални инвестиции и стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор повеќе кон поразвиена и побезбедна општина,“ истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Во продолжение ќе се работи со ист интензитет и на асфалтирање на другите улици предвидени во рамки на овој проект, соопштија од општина Чаир.
Текстот Меџити: Во Чаир се реализираат конкретни проекти е превземен од МАКФАКС.























