Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити денеска учествуваше на панел дискусијата „100% посветени за тебе” на која кој се осврна на најактуелните прашања во животната средина.

Меџити во своето обраќање истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата се соочуваат со бројни предизвици во животната средина во време на енергетска криза, децениско загадување на амбиенталниот воздух, отстранување на историскиот отпад, справување со проблемите на управувањето со отпадот, обезбедување на инфраструктура за водоснабдување, одведување на отпадни води и нивно пречистување и заштита на природните вредности и биодиверзитетот.

„Нашата неприкосновена определба е обезбедување одржлив развој и членството во ЕУ и на тој пат мора да покажеме подготвеност за имплементирање на високите европски стандарди во оваа област, која бара многу работа, интерсекторска соработка и многу финансиски средствата“, рече Меџити, нагласувајќи дека министерството и Владата се подготвени да се соочат со предизвиците во животната средина.

Меџити се задржа на два најактуелни проблеми, загадувањето на воздухот и воспоставувањето на системот за регионално управување со отпад.

„За справување со загадувањето на воздухот делуваме во повеќе насоки согласно дефинираните мерки пропишани во националните и локалните плански документи, а тоа се замена на нееколошки системи за греење, намалување на емисиите од сообраќајот, намалување на емисиите од стационарните извори, подобрување на енергетската ефикасност, заштеда на енергија и користење на обновливи извори на енергија, намалување на емисиите од отпадот“, рече Меџити.

Нагласи дека министерството со средства од националниот буџет, од Европска Унија и други билатерални донатори активно работи на модернизација, обнова и проширување на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух и тој е во добра кондиција.

Потсетувајќи дека со децентрализацијата најголемиот дел од оперативните зафати се обврска на локалните самоуправи, вклучително и справување со изворите на загадувањето на воздухот, Меџити истакна дека министерство ги подржува Единиците на локална самоуправа во подготовката на Плановите за квалитет на воздух што е нивна законска обврска.

Исто така, преку Програмата за инвестиции во животната средина финансираше и изработка на катастри на загадувачи на воздухот за седумнаесет општини, кои што овозможуваат идентификација на изворите на загадување на воздухот и утврдување на количините на емисии на загадувачки супстанци во воздухот, што е предуслов за приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето.

Поддршка се обезбедува и од меѓународните донатори и агенции. Во тек е изработка на планови за квалитет на воздух за Струмица и ажурирање на плановите за Куманово, Кавадарци, Гостивар и Струга во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од страна на УНДП, а во рамки на ИПА 3 проектот „ЕУ за Чист воздух“, чија главна цел e да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во Северна Македонија и намалување на ризиците по здравјето на луѓето, односно да се подобри квалитетот на воздухот во четири големи градови во Северна Македонија (Скопје, Битола, Тетово и Куманово), се предвидени следните активности: промена на системите за греење во 70 јавни објекти во четири општини.

Дополнително, во време на грејната сезона кога редовно се забележува зголемена концентрација на загадувачки супстанци во воздухот, Министерството заедно со Државниот инспекторат за животна средина планира спроведување вонредни и континуирани посети на индустриските капацитети за кои МЖСПП има издадено А-Интегрирана еколошка дозвола со цел да се зголеми внимателност при исполнувањето на обврските од дозволите.

Во делот посветен на активностите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, првиот вицепремиер и министер за животна средина Меџити нагласи дека справувањето со отпадот како едно од најактуелните прашања е возможно исклучиво со поставување и профункционирање на регионалниот систем за управување со отпад. Согласно националните политики и стратешки плански документи во државата ќе се воспостават 5 регионални системи за управување со отпад.

Со поддршка на Европската Унија, направен е исчекор напред во Источниот и Североисточниот регион и неодамна е објавен оглас за јавна набавка за изградба на централна постројка за управување со отпад и изградба на 6 претоварни станици за овие региони.

„За крај ќе напоменам дека течат фазите за затварање на нестандардните депонии, а во тек е набавка на опрема за собирање на отпад и возила и за другите региони“, истакна Меџити.