Првиот Заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денес го претстави најголемиот спортски проект во историјата на Чаир, трансформација на напуштениот базен во нов, модерен спортски и рекреативен центар.

Овој амбициозен проект, конципиран по примерот на познатите спортски центри „Јане Сандански“ во Аеродром и „Борис Трајковски“ во Карпош, има за цел да донесе мултифункционален центар според европски стандарди, во срцето на Чаир.

„Комплексот ќе содржи: голема спортска сала за ракомет, одбојка и кошарка со капацитет од над 3.000 гледачи, затворен фитнес центар, сали за пинг-понг и боречки спортови како карате и бокс; како и надворешни игралишта за мал фудбал и две кошаркарски игралишта – отворени и достапни за сите граѓани”, информираше Меџити.

Според него, проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, при што Општина Чаир ќе ги обезбеди сите правни и институционални предуслови во целосна соработка со централната власт.

„Инвеститорот што ќе биде избран, ќе има обврска да изгради центар што ги исполнува современите стандарди и да понуди одржлив модел на функционирање. За возврат, ќе има право да го користи комплексот во рок од 20 до 30 години“, изјави Меџити.

Тој додаде дека по истекот на тој период, овој модерен спортски и рекреативен центар ќе стане целосна сопственост на Општина Чаир и на сите наши граѓани. Со одлука на Влада на РСМ е дадено на трајно користење на Општина Чаир и Општината може да управува односно да ги спроведе сите процедури кои се потребни за реализација на овој проект.

Време е и Чаир да добие спортски центар од европски ранг, порача Меџити за време на презентацијата.

Текстот Меџити го претстави мега-спортскиот проект во Чаир е превземен од МАКФАКС.