Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Текстот Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина е превземен од МАКФАКС.