Албанскиот претседател Илир Мета со остра реакција  се јави по одлуката на Грција да се прошири за 12 милји во Јонско Море, нагласувајќи дека „ ниту во еден момент нема да дозволи закани по државните и национални интереси“.

Во рекацијата на Фејсбук, шефот на државата наведува дека досега не добил никакво официјално известување или барање за да предложи прекинување, отфрлање или окончување на билатералниот процес на преговори, од страна на преговарачкиот тим или албанската Влада.

Наведува дека целосно ја разбира високата чувствителност на албанското јавно мислење за последниот акт издаден од највисоките органи на Република Грција и нејзините можни последици за Албанија.

Потсетува дека во извршувањето на неговите должности и одговорности и согласно одлуката на Уставниот суд од 2010 година, го овластил тимот составен од 13 членови за преговори за „ нацрт договор меѓу Република Албанија и Република Грција за разграничување на нивните морски зони“, со цел да се прецизира линијата за разграничување на државната морска граница и разграничувањето на континенталниот гребен и ексклузивната економска зона меѓу двете земји.

Во текот на целото време, понудив целосна соработка во овој процес, обезбедувајќи почитување на одлуката на Уставниот суд. До денес, немам официјално известување или барање да предложам прекинување, отфрлање или завршување на билатералниот процес на преговори, од страна на преговарачкиот тим или од албанската Влада. За секој развој што е директно поврзан или влијае на процесот на преговори за разграничување на морскиот простор меѓу двете земји, побарав од владата исцрпни информации и целосна анализа, согласно одговорностите што и припаѓаат со закон, напиша Мета.

Тој уште еднаш ги потсетува претставниците на институциите на целото хиерархиско државно ниво, на обврската и одговорноста за целосна усогласеност на нивната уставна и правна активност, во служба на државните и националните интереси.

Ги уверувам сите албански граѓани дека ќе продолжам да ги извршувам своите должности со максимална државна и уставна одговорност и дека нема да дозволам во ниту еден момент да ги нарушам државните и националните интереси на Република Албанија од кое било лице кое го злоупотребува овластувањето делегирано од албанскиот народ, посочува Мета.

Тој ветува дека според воспоставената традиција, откако официјално ќе ги добие целосно побараните информации, ќе направи темелна транспарентна проценки и ставови во врска со сите случувања по ова прашање.

Извор:МИА