Германскиот министер за здравство Јенс Шпан по популарност ја надмина канцеларката Ангела Меркел, покажуваат податоците од анкетата спроведена од институтот Кантар, за потребите весникот „Билд ам Зонтаг“.
Педесет и два процента од испитаниците сметаат дека Шпан треба да има „можно најголемо влијание во германската политика“ во 2021 година. На крајот на 2019 година, само 28 проценти споделуваа вакво мислење. Шпан е особено популарен кај жените (66 проценти).
– Шпан е дефинитивно победник на годината. Според граѓаните, тој води добра политика во контекст на коронавирусот, вели Торстен Шнајдер-Хасе, експерт на Кантар институтот.
Ангела Меркел, која минатата година го освои првото место на листата, е на второ место оваа година, со 51 процент од гласовите.
Во првите пет се наоѓаат и премиерот на Баварија, Маркус Зудер (50 проценти), вицеканцеларот и министер за финансии Олаф Шолц (47 проценти) и министерот за надворешни работи Хајко Маас (40 проценти). Генерално, „големата коалиција“ – блокот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Германската социјалдемократска партија (СДП), е далеку попопуларна отколку пред една година.
Во анкетата учествувале 505 лица, чија задача било да рангираат 18 политичари според нивната популарност.