Убедена сум дека иднината на Западен Балкан лежи во вистинска обединета Европа, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по повод претстојниот виртуелен самит на Берлинскиот процес, закажан за понеделник, домаќин на кој е Германија.
Меркел во видео порака рече дека е среќна, иако тоа ќе биде само виртуелен состанок што ќе и овозможи да продолжи да работи со шефови на држави и влади на Западен Балкан – процес што започна во 2014 година, како Берлинскиот процес, на иницијативата на Германија.
Таа истакна дека е постигнато многу од воспоставувањето на Берлинскиот процес, чија цел е да се придонесе конкретно за регионалната стабилност и мирниот дијалог.
„Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Ова е дел од Европа каде раните на војната сè уште не се залечени и многу граѓани на овие простори исто така живеат во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни да направиме практичен напредок во овој дел на Европа “, рече Меркел.
Германската канцеларка додаде дека Берлинскиот процес веќе постигна одреден успех и во таа насока таа конкретно го спомена неодамна основаниот Форум на млади.
Посочи дека она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми.
„Ова е практичен придонес кон мирот“, рече Меркел, додавајќи дека меѓусебното признавање на дипломите, соработката во науката и напредокот во инфраструктурните проекти се карактеризираат со чекори што водат кон посилна прекугранична размена и надминување на предрасудите.
„Сето ова ги води земјите од Западен Балкан кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Убедена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина навистина ќе биде во обединета Европа“.
Меркел посочи дека сè уште има многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмот не исчезнале и билатералните спорови може да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување. Тоа, вели таа, значи надминување на минатото и правење на се што е можно за идните генерации да живеат во мир.