Бугарскиот претседател Румен Радев бил поканет од страна на германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев. Ова го соопшти прес -службата на Радев еден ден пред самитот на Европската унија и Западен Балкан, што треба да се одржи во Брдо, Словенија.
– Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархеји и премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и заедно со претседателот Румен Радев, секако тие до крај треба да бидат потврдени, но во агендата веќе се вклопени. Веднаш после тоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање на решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува, потврди премиерот Заев.
Фокусот на европските лидери на Самитот по се изгледа ќе биде насочен кон Радев и Заев, судејќи според распоредот опишан во соопштението. Според него од 07:30 часот, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша ги канат Заев и Радев на заедничка средба, а од 9:00 часот е средбата на Заев, Радев, Меркел и Макрон.