Гermanskiot канцелар Фридрих Мерц изјави дека Украина ќе добие нови системи со долг дострел, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“, „многу наскоро“, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи со НАТО да ја зголеми воената помош за Киев.

„На Украина ѝ се потребни системи за длабок удар за подобро да се одбрани и многу наскоро ќе добие дополнителна поддршка во овој поглед“, рече Мерц на прес-конференција во Обединетото Кралство, пренесува „Политико“.

Мерц додаде дека системите би можеле да станат оперативни на украинска територија за неколку недели. Неговите коментари доаѓаат откако Трамп во понеделникот објави дека некои американски одбранбени системи „Патриот“ ќе пристигнат „за неколку дена“, иако некои експерти изразија сомнежи за тоа колку брзо всушност би се случил трансферот.

Генералот Алексус Гринкевич, командант на Сојузничката воздушна команда на НАТО, изјави дека „подготовките се во тек“ и дека алијансата „тесно соработува со Германците за трансфер на „Патриот“.

Мерц пристигна во Обединетото Кралство со британскиот премиер Кир Стармер, каде двајцата лидери потпишаа договор за пријателство и продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста. Мерц прецизираше дека министрите за одбрана веќе преговараат за логистиката за испраќање оружје во Украина, како дел од планот на Трамп според кој европските земји прво ќе испорачаат оружје, а потоа ќе купат замена од Соединетите Американски Држави.

Стармер рече дека е „апсолутно јасно дека Трамп сака Путин да биде запрен“ и дека „тој сега ја поткрепува својата политичка порака со конкретна воена помош“.

Двајцата лидери ја нагласија потребата од дополнителен економски притисок врз Русија. Мерц го повика Трамп да го поддржи пакетот санкции предложен од американскиот сенатор Линдзи Греам.

Текстот Мерц потврдува: „Патриот“ многу наскоро доаѓа во Украина е превземен од МАКФАКС.