Јавната набавка за хортикултурно уредување, е постапка која ја распишала и ја спровело претходното раководство на АД МЕПСО и наша определба е да не се потроши ниту еден денар за овој целосно непотребен трошок, велат од „Мепсо“.
Потребата за ваква набавка, како што е наведено во соопштението е наведена во планот на јавни набавки за 2024 година, истата е објавена во месец мај, а одлуката за избор на најповолна понуда е донесена на крајот на јули од страна на менаџерскиот тим во заминување.
„Бидејќи постапката беше во финална фаза, а соочени со можноста од правни последици, АД МЕПСО ја потпиша истата. Инаку станува збор за рамковна спогодба склучена за временски период од 12 месеци што значи дека не постои обврска за искористување на средствата. Како нов менаџерски тим цениме дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за истата нема да се доставуваат нарачки. До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме така ќе биде до истекот на спогодбата. Оттука цениме дека денешната прес-конференција е само блед обид на ДУИ преку напади на кадрите на Села, компанијата да ја вовлече во партиски препукувања“, истакнуваат од компанијата.
Ја повикуваат јавноста да ја следи реализацијата на набавката преку електронскиот систем за јавни набавки затоа што, како што додаваат, јавноста има право да знае како се трошеле и трошат средствата на компанијата која е во државна сопственост.
„Ова не е прв пример за непотребно трошење пари од страна на претходниот менаџерски тим ако се знае дека од буџетот на компанијата се трошеле пари за донации и спонзорства и таму каде што не било неопходно при што за оваа намена буџетот е пречекорен за околу 10 милиони денари“, се истакнува во соопштеното.