Атанас Величков

Клепач е мало пелагониско село во рамките на општина Прилеп. Според пописот од 2002 г., во него живеат 160 луѓе. Селото останало во историјата со фактот што таму во 1904 г. херојски загинува војводата Велко Скочивирчето (Скочивирски) заедно со целата своја чета.

Велко Скочивирчето од мариовското село Скочивир бил комита во четата на Георги Сугарев, а подоцна е реонен војвода на ВМОРО во Прилепско. Неговата чета е составена од комити со потекло од Битола, селата Српци, Круша, Клепач, Беранци и Брник. Важно е да се напомене дека овие комити не припаѓаат во групата на незнајните јунаци, нивните имиња се знаат и мислам дека треба да бидат наведени: Христо Романов (с. Брник), Димитар Берански (с. Беранци ), Димитар Јенимале, Костадин Јенимале, (презимињата им се непознати, но сигурно се од квартот Јенимаале, центарот на бугарската егзархиска борба против гркоманските патријаршисти во Битола ) Недјалко Долиманов (с. Српци), Стрезо Милев (с Клепач), Стојан Ѓорчев (не е наведено) и Тасе Костов (с. Круша).

Целата таа информација, МОЖЕШЕ да се види на спомен обележјето посветено на војдата и комитите, во дворот на главната селска црква „Св. Архангел Михаил“, поставено таму најверојатно од „бугарскиот фашистички окупатор“ после април 1941 г. или многу порано во периодот од 1904 до 1918, од самите мештани.

Старото спомен обележје посветено на четата на Васил Скочивирчето во дворот на црквата „Св Архангел Михаил“ во село Клепач, прилепско. (Фотографијата е направена во октомври 2020 г.)

Денес спомен обележјето што го гледате на фотографијата го нема. На негово место е поставено ново, со нов изменет текст во делот за кого загинале комитите од четата на Скочивирчето и што е најстрашно, со сменети имиња на самите комити. Да! Токму така, правилно прочитавте, непознатите засега сторители на ова злодело кон историската памет и вистина ги промениле дури фамилиите на комитите, за да не изгледаат бугарски, ставајќи им „ски“ како суфикс на презимињата (на некои дури и без В).

Како што можете да забележите цитатот од песната на големиот бугарски поет и револуционер Христо Ботев „Хаджи Димитър“: „Тоз, който падне в бой за свобода, той не умира“ е само адаптиран, најверојатно затоа што, лицата што стојат позади ова безобразие, немале никаква представа од каде е цитатот. Да биле малку поначитани, ќе знаеле дека и цитатот од песната на бугарскиот херој Христо Ботев, треба да биде избришан, за да не се гледа, за кои и какви револуционери се работи, за сето исклесано во каменот да биде избришано, однесено во заборавот.

Новото спомен обележје со променет натпис и променети презимиња на комитите од четата на Скочивирчето. Фотографијата е направена пред неколку дена (22 септември 2021 г.)

Основното и најглавно прашање во случајот со овие спомен обележја е, дали во „патриотски занес“ сторителите на ова дело го уништиле стариот споменик, а ако не е уништен, прашањето е каде се наоѓа денес истиот.

Во време кога премиерот Заев лицемерно се обидува да продава приказни од типот „ќе го тргнеме бугарски од натписите за бугарскиот фашистички окупатор“, откривањето на споменикот и неговото поставување на вистинското место, ќе биде дело што навистина би било забележано од Софија, како некаков напредок, далеку посериозен од сувопарните декларации на власта во Скопје.

Со какви очи, разположената за градење на пријателство, владејачка елита во Скопје, ќе го врати паметникот на неговото старо место, ако се разбира истиот не е искршен?

Кои се директните сторители и нарачатели во случајот воопшто не е важно. Без разлика дали се работи за лица од црковните кругови или пак од локалната самоуправа во Прилеп, јасно е дека тие нема да бидат откриени, ниту пак казнети за своето „патриотско дело“. Впрочем, ваквите појави на посмртно ревидирање на личностите и на бугарска етничка припадност не е непозната работа, меѓу креаторите на „современата“ македонска историја. За такво нешто, досега никој не одговарал! Не треба да имаме илузии дека во „готовата за почеток“ на преговори со ЕУ, РС Македонија, некој може да биде казнет за такво дело како уништување на спомен обележје, кое говори за етничката припадност на македонските револуционери.

Брисел треба да научи за промената на имињата на загинатите комити. Треба да научи како во наши денови се пренапишува историјата и се уништуваат изворите на таа историја, и сето тоа не во интерес на научните факти, туку во интерес на пропагандата.

Така ли РС Македонија го брани својот историски наратив, со менување на споменици? Како Бугарите во РС Македонија да бидат смирени и спокојни дека никој нема проблем со нивното постоење, кога од долгите раце на вулгарниот македонизам во неговата антибугарска форма, не се поштедени ни мртвите. Ако мртвите им сметаат, што остана за живите?

Брисел треба да дознае за оваа патриотска акција на сè уште непознатите сторители, а официјално Скопје треба да го возобнови старото обележје во црквата во село Клепач. Така е европски.

Колку смешни изгледаат после ова сите „мудреци“ кои од страниците на весниците и од статиите објавени во интернет изданијата на речиси сите мејн стрим медиуми во РС Македонија ѝ солат памет на Бугарија да го заборави 19 век и да стане дел од 21-иот. Велат исконско право било правото на самоопределување (право што Бугарија никогаш не им го негирала на Македонците). А со паметта на овие комити на кои некој им ги променил дури имињата да не личат на бугарски, што правиме? Ги праша ли некој, дали може да бидат искористени за евтина пропаганда?

РС Македонија е подготвена за старт на преговорите со ЕУ. Сите напади врз историската вистина, државните обележја на Бугарија, луѓето што се чувствуваат Бугари, се наводно единични случаи и не се официјална политика на нашата земја, како што би рекол Заев во Софија додека мазно се смешка пред строгиот поглед на председателот Радев. Тоа ќе го каже премиерот, знаејќи дека никој, од кого воопшто зависи нешто во Бугарија, не му верува и никогаш нема да му поверува!