Во 2024 година, на телефонската линија за деца и млади Ало Бушавко која функционира 24 часа, најмногу деца кои се јавиле се пожалиле дека имаат проблем е менталното здравје.

Од Меѓаши велат дека во споредба со 2023 година, се забележува константност во бројот на повици, со благо зголемување на процентот на проблеми поврзани со менталното здравје. Додека во 2023 година менталното здравје беше застапено со околу 70% од вкупните проблеми, во 2024 година овој процент се зголеми на 74,2%, што укажува на растечкиот тренд на психолошки проблеми кај децата и младите во нашата земја.

„Ова ја потврдува потребата за зајакнување на системите за поддршка и превенција во областа на детското ментално здравје. Тимот на Ало Бушавко увиде дека доминираат проблемите со анксиозност и стравови, следени од проблеми со контрола на емоциите, особено гневот. Исто и на висока застапеност на загриженост за себе. Оваа година вниманието ни беше преземено и од неколку случаи поврзани со самоубиствени мисли и обиди за самоубиство. Оваа појава е особено актуелна како последица на социјална изолација, користењето на социјалните мрежи, неизвесност и стресот кои се како главни фактори кои придонесуваат кон овој проблем. Иако не беа многу на број (3 деца со обид за самоубиство), сепак загрижувачки е значителното зголемување на пријавени самоубиствени мисли и обиди, што претставува алармантен сигнал, за преземање навремени интервентни мерки. Важно е да се зајакнат системите за поддршка, да се едуцираат родителите и наставниците за препознавање на предупредувачките знаци како и да се намали стигмата поврзана со барањето помош за ментални проблеми“, велат од Меѓаши.

Според податоците за овој период од една година, сите деца кои се опфатени со дојави се соочувале со повеќе од еден проблем од областа на менталното здравје, кое како категорија е најизразен проблем, со 74.2% од вкупниот број на проблеми по категорија. Од подкатегориите кои ги опфаќа категоријата “Ментално Здравје” се појавуваат страв и  ознемиреност, проблеми со гневот, загриженост за себе и проблеми со расположението.

Главната причина за овие психолошки состојби кај децата е проблематичниот однос на родителите, особено по разводите, неусогласеноста во однос на контактите со детето или неостварувањето на средби со родителот кој не е старател. Проблемите се јавуваат и поради нарушените меѓучовечки односи, како што се врснички конфликти или проблеми во односите помеѓу наставниците и учениците.

Втора најчеста причина е категоријата Повреда (16,8%,). Покрај ова, зачестени се дојави за проблеми во училиште (2.6%,) особено тие кои се поврзани со наставниот и стручниот кадар на училиштето (засегнати се 16 деца). Најмал процент на деца во извештајниот период се однесува на категориите: Семејни односи (2.5%), Дискриминација и екслузија (1,6%), Пристапност (1.2%),
Сексуалност (0,4%), Исчезнати деца (0.4%) и Физичко здравје (0%).

Текстот Менталното здравје – најчест проблем на младите кои побарале помош на „Ало Бушавко“ е превземен од МАКФАКС.