И досега функционерите имаа помали плати. Тие не трчаат по фукции заради платата. Тие имаат мали плати, ама голема заработувачка. Сега почнува да се троши она што можеше да се краде, нема веќе тендери за сите. Сега се стеснува кругот на крадците, вели Ким Мехмети во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

-Има две држави во Македонија една за богатите кои имаат се и не трошат ништо и Македонија за сиромашните кои плаќаат се, кои ги плаќаат казните, давачките… Тие две Македонии повеќе и не комуницираат меѓу себе, вели Мехмети.

Тој вели дека поранешната диктатура во Југославија, која и не беше баш диктатура беше поинаква, не дозволуваше да се излезе од земјата, а сегашната демократска диктатура ве казнува со тоа што ве остава без леб и ви ги пакува куферите.

-Слобода не е само да смеете да лаете. Треба да се потврдите и како човек. Ако не сте партијаш вие немате ништо, вели Мехмети и додава дека за разлика од времето на Груевски сегашната власт не прави монтирани политички процеси, но прашање е зошто не се коригираат грешките на претходната власт.

Мехмети вели дека човекот е слободен онолку колку што е подготвен да им служи на властодржците, а тоа не е слобода туку е анархија ако партијата е главната институција.

-Ликот на нашиот колективен грев е молчењето. Нашите интелектуалци ги затворија устите и не кажуваат ништо, вели Мехмети и додава дека ние ја персонализираме слободата и има луѓе кои мислат дека ако тие имаат се и другите имаат сè.