„Има нешто чудно во политичките елити кај Македонците, тие се толку антибугарски ориентирани, што ако вие сте коректни и гребнете и видите што бугарската страна бара, ќе видите дека таа бара нешто што е блиску до вистината. Денешна Бугарија не го прогласила Гоце Делчев Бугарин, тој самиот се прогласил Бугарин. Тие бараат дајте да седнеме и да расчистиме“, вели Ким Мехмети во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

Мехмети додава дека тоа барање повеќе ги иритира Македонците отколку прашањето за името, кое според него повеќе задира во идентитетот бидејќи, ако постои Северна Македонија, значи има северни Македонци има и јужни Македонци.

Според Мехмети во однос на Бугарија македонската политичка елита не го зачувува своето достоинство, туку само се жали и чека некој друг да го реши проблемот, како што чекала 30 години Метју Нимиц да го реши проблемот со Грција.

„30 години ние се надевавме дека ќе има правда и дека ќе се јави оној семоќниот и ќе рече Македонија ќе биде само Македонија. Сега го лажат народот дека ќе се јави некој моќен и ќе им рече на Бугарите, немојте вие да ми ги задевате и да ми ги провоцирате Македонците, оти тие се наши чеда. Нема тоа, ако не знаеш сам да го зачуваш она што е твое“, вели Мехмети.