„За учениците, дел од достапните тестови ќе се користи за процена на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел за таканареченото ’тест ту стеј’, тестирање за да се остане во училиште, односно изложените ученици во одделенијата во кои имало позитивен случај да може да се тестираат со цел да останат со физичко присуство доколку тестот е негативен.
Методологијата за изведување на овој скрининг ќе биде поинаква. Ќе има малку поинаква динамика и ќе бидат потребни малку помал број тестови што ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата на возраст од шест до осумнаесет години, школската возраст што нѐ интересира. Набргу оваа методологија ќе биде утврдена и многу набргу, за краток временски период, ќе ги имаме резултатите. Согласноста од родител за тестирањето треба да биде обезбедена“, соопшти денес Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Минатата недела претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, извести дека за скринингот имаат на располагање 10-20.000 брзи тестови, чија прецизност за откривање на сојот омикрон е околу 50 отсто, но смета дека ќе бидат доволен показател за состојбата во училиштата.
До Комисијата не стигнало барање да се преиспита препораката за носење маски во училиштата откако некои од родителите бараат маската да не биде задолжителна.
Портпаролот Мехмедовиќ нагласи дека Комисијата строго го следи ставот на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за контрола на болестите, кои препорачуваат маски во затворени простории за деца од 6 до 18 години.