Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ на прес конференција информираше околу денешниот состанок на комисијата.

Тој вели дека се разговарало за две теми, односно за ковид-19 и евентуалната епидемија од мајмунски сипаници.

„Можам да кажам дека Комисијата покажа загриженост затоа што имаме ширење на мајмунските сипаници во светот и тоа надвор од оние ендемични базени како што е Централна Африка и западна Африка. Светот како и Светската здравствена организација, и сите останати релевантни институции кои што ги следат заразните болести исто покажуваат одреден степен на загриженост во однос на тоа како се шират мајмунските сипаници“, вели Мехмедовиќ.

Докторот додава дека целта на КЗБ е да го подготват системот колку што е можно подобро за да се одговори на евентуална епидемија.

„Од тие причини денеска на Комисијата беа дискутирани и клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите кои што ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници“, додава д-р Мехмедовиќ.