Во Скопје, во текот на наредната недела ќе почнат со работа пет нови КОВИД амбуланти. Епидемиолошката состоба во државата е стабилна и за сега нема да има дополнителни превентивни мерки, рече денеска на прес-конференцијата портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

На денешниот состанок на Комисијата се анализирала епидемиолошката состојба, при што е констатирано дека има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но оти состојбата во болниците е стабилна. Мехмедовиќ посочи дека нема зголемување на бројот на хоспитализирани во болниците.

Тоа значи, потенцира Мехмедовиќ, дека болничките капацитети сè уште се доволни за да можат да ги згрижат сите оние граѓани кои имаат потреба.

Градот Скопје, како што рече портпаролот, во моментот е најзасегнат со новозаразени пациенти и поради тоа е одлучено новите пет ковид амбуланти да се наоѓаат на територијата на главниот град. Поточно, во просториите на Здравствен дом – Скопје и ќе бидат во петте поголеми поликлиники во Скопје – во „Идадија“, „Горче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во Чаир.

-Со постоењето на КОВИД амбуланти вака дисперзирани, ќе биде покриена целата територија на градот и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за КОВИД -19, што сметаме дека ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за КОВИД дијагностика и третман за граѓаните на градот Скопје подостапни, рече Мехмедовиќ.

Поради тоа што епидемиолошката состојба е стабилна, а според бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште се наоѓаме во зелена зона, за сега нема потреба од дополнителни нови мерки.

-Епидемиолошката состојба, согласно сите параметри кои ги имаме, а најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, се уште не става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментот на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти кои се на кислородна поддршка и сметаме дека системот се уште има голем простор за тој дел да се пополни и да се дадат услуги во делот на хоспитална грижа на пациентите. Најважно е да се фокусираме, како што кажав, на примарниот здравствен систем и тоа сега го правиме преку отворање на КОВИД амбулантите, рече Мехмедовиќ.