Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл го најавија својот прв проект од нивниот мултимилионски договор со „Netflix“.
„Archewell Productions“, во партнерство со Фондацијата „The Invictus Games“, ќе објави документарна серија на „Netflix“ наречена „Heart of Invictus“.
Принцот Хари ќе се појави лично во документарната серија, но ќе учествува и како извршен продуцент преку продуцентската куќа „Archewell Productions“ која ја основаа заедно со неговата сопруга Меган Маркл.
Приходите од соработката се очекува дека ќе играат клучна улога во финансирањето на нивниот нов живот во Калифорнија, по одлуката да го напуштат британското кралско семејство минатата година.
„Heart of Invictus“ ќе ги прикаже приказните на поединци кои се натпреваруваат на спортскиот настан поддржан од принцот Хари. Игрите „Invictus“ се наменети за поранешни војници кои се натпреваруваат во повеќе спортови, а игрите ги основаше самиот принц Хари во 2017 година, кој служеше војска во Авганистан.
Неодамна тој во интервјуто со Опра Винфри рече дека никогаш не замислувал дека ќе создава содржина за стриминг услуги како што се „Netflix“ и „Spotify“, но тој бил принуден да превземе некаков чекор за неговото семејство имајќи предвид дека кралското семејство веќе не ги финансирало.
„Тоа беше предложено во моментот кога моето семејство буквално прекина да не финансира, и јас морав да обезбедам финансиска сигурност за нас… Од моја перспектива, сè што ми требаше беше доволно пари за да можам да платам за обезбедување за моето семејство да биде безбедно“, изјави Хари.