Арта ТАХИРИ*
Медиумите објавија дека октомври е месец на подигање на свеста и сензибилизација за рано откривање на ракот на дојка кај жените, преку проверки и континуирано следење, иако од оваа болест не се изземени ниту мажите.
Податоците, сепак, покажуваат дека жените се многукратно поизложени на ризик од овој тумор, и тоа генерално оние што се постари од 50 години. Иако ова е трендот, податоците покажуваат дека овој вид на рак може да зафати и помлади возрасти, што значи дека никој не може да биде имун на болеста.
Иницијативата или кампањата е поддржана од многу земји, бидејќи лекарите често констатираат дека раното дијагностицирање е многу мати подобро од лекувањето. Според извештаите, „годишната меѓународна кампања има за цел да шири информации и да ги едуцира луѓето за важноста на здравјето на дојките, за раното откривање на рак на дојка кај жените и девојчињата ширум светот“.
Но, здравствената култура кај нас, а и на целиот Балкан, што подразбира месечни прегледи или прегледи одвреме-навреме кај лекар на жените и девојките, не е на пожелно ниво, дури е на минимално ниво.
Според економските и превентивните здравствени параметри, Северна Македонија спаѓа во групата земји со висок ризик од рак на дојка. За тоа сведочат алармантните податоци на Институтот за јавно здравје за минатата година, во која од рак на дојка починале 356 жени, што е речиси по една жена дневно во просек.
И Институтот за јавно здравје на Албанија објави дека „врз основа на податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот во светот (GLOBOCAN), која пресметува проценка на реалната состојба во секоја земја во светот, ракот на дојката има највисока инциденца меѓу видовите на рак што ги погодува жените насекаде во светот. Поголемиот дел од смртните случаи од рак на дојка се случуваат во земјите со низок и среден приход, каде што повеќето жени со рак на дојка се дијагностицираат во доцните фази“.
Подигнувањето на свеста и јавната дебата за превенција на ракот на дојка не е одговорност само на лекарите, туку и на медиумите и новинарите.
Ми беше драго што деновиве колешката Аријана Ибрахими побара од мене сензибилизирачка порака против оваа болест, која ја пренесе на телевизија, заедно со пораките на други жени од различни области. Во оваа кампања, сите можат да го дадат својот јавен придонес.
Поради улогата и влијанието што го имаат во општеството, сметам дека различните медиуми, особено оние најголемите, односно јавната телевизија (МРТВ) која има законска и професионална обврска, но и комерцијалните кои имаат национална дозвола (за емитување во целата земја), како и порталите и локалните медиуми, треба да придонесат за подигнување на јавната свест за оваа болест.
Затоа, и преку овој напис, апелирам до медиумите за проблемот да не известуваат само во дебатни или во утрински и попладневни информативно-забавни емисии, и тоа само на денот кога се одбележува подигнувањето на свеста за оваа болест или кога има јавни кампањи.
Медиумите и новинарите треба да известуваат и тематски да го третираат проблемот со ракот на дојката но и другите опасни болести во континуитет, бидејќи на тој начин ќе ја реализираат својата професионална, а над сè – нивната хумана мисија.
Превземено од Рацин.мк