Унијата на медицински сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот иако, како што велат од таму, претходно им било ветено дека ќе бидат вклучени во истата.

„Како претседател на најголемата и најактивна унија на медицински сестри во државата, остро реагирам на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Иако имавме официјална средба со министерот за здравство, на која јасно се договоривме Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде вклучена во работните групи, денес не бевме поканети. Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, вели претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.

Таа додава дека медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела, каква што е нашата Унија.

Бешлиовска бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.

„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија. Особено разочарува фактот што токму овие денови, додека државата нè игнорира, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Овој викенд, во Струга, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција, со повеќе од 80 предавања и со присуство на еминентни имиња од регионот, Европа и САД. Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, вели Бешлиовска.

Текстот Медицинските сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот е превземен од МАКФАКС.