Британската двојка Ребека Робертс и Рајс Вивер една година се обидувале да добијат дете, а потоа среќата конечно им се насмевнала.  

Првите снимки од ултразвукот направени во седмата недела од бременоста покажале дека малиот Ноа одлично напредува во мајчината утроба. Но, по три месеци од бременоста, Ноа ненадејно добил друштво. Ултразвукот во 12-тата недела од бременоста покажал дека Ребека носи и ќерка.

– Забременив додека веќе бев бремена, што е апсолутно лудо, бидејќи тоа не требаше да се случи – изјавила Ребека за Си-ен-ен.

Станува збор за суперфетација, односно оплодување на нови јајце-клетки од различни оваријални циклуси додека во матката веќе се наоѓа формиран фетус.

Истражувањето од 2008 година открило дека се забележани помалку од 10 случаи од овој медицински феномен во светот. Лекарите на британската двојка ѝ рекле дека бебињата се зачнати во временски период од три недели.

„Не можев да верувам дека тоа ми се случи. Но, се случи и прекрасно е. Тоа е како добивка на лото“, додала Ребека.

Дека станува збор за многу редок феномен, потврдува и гинекологот д-р Лилијан Шапиро, додавајќи дека за тоа постојат низа причини. Што се однесува до случајот на Ребека, појаснила дека јајце-клетката била оплодена и имплантирана во текот на првата овулација и „некако повторно овулирала во текот на истиот тој циклус“.

Близнаците Ноа и Росалија се родени во септември 2020 година со царски рез. Девојчето тежело нешто повеќе од 1 килограм додека Ноа имал 1,8 килограми. И двајцата биле ставени на одделението за интензивно лекување на неонатологија каде Росалија поминала 95 дена. И денес, кога имаат седум месеци, Ноа е мошне поголем од својата сестра.

„Беше многу малечка, но таа е мал војник и веќе има свој карактер. Воопшто не се грижам за неа“, рекол гордиот татко за Си-ен-ен.