Масовната вакцинација што веќе се изведува шитум светот е надеж дека ќе има крај на пандемијата на корона вирусот, но лекари и медицински експерти предупредуваат дека вакцинацијата не значи дека човештвото ќе стане 100% имуно на болеста.
Тие тврдат дека најголемата грешка што може да ја направи некој е веднаш по примањето на првата доза од вакцината да се врати на вообичаениот живот каков што беше пред пандемијата, пренесува „Бизнислајн“.
Дефинитивно сме загрижени дека во моментот кога ќе ја примат вакцината луѓето ќе помислат дека се слободни да прават што сакаат. Тие ќе имаат чувство: „Супер, ја примив вакцината и сега може слободно да излегувам и да одам каде сакам“ – вели д-р Дејвид Халперн, шефот на „Тимот за следење на однесувањето на луѓето“ на британската Влада.
Иако се проценува дека вакцините имаат ефикасност до 95 отсто, Центарот за контрола и превенција на болести истакнува дека не може да се достигне тоа ниво на заштита, сè додека не поминат околу две недели од примањето на втората доза од вакцината.
Експертите истакнуваат дека вакцината ве штити од потенцијално тежок облик на Ковид-19, но ни вакцинацијата не значи дека ќе бидете 100 отсто имуни на вирусот.
Многумина мислат дека ефектот на вакцината е апсолутен и се постигнува во моментот и дека кај нив повеќе не постои ризик од ширење на вирусот – вели доктор Стивен Рајхер за „Гардијан“.
Експертите истакнуваат дека враќањето во нормала, најмногу зависи од тоа колкав процент од популацијата е вакциниран и дека враќањето во животот пред пандемијата е ризичен потег, доколку тој процент не е доволно висок.
Колективниот имунитет не е нешто што може да се создаде со притискање копче. Тоа подолг процес. Ако вашата земја е далеку од колективен имунитет, вирусот и понатаму циркулира помеѓу популацијата и секогаш постои шанса дека вакцината нема да ја заврши работата во таа мера што луѓето ја очекуваат – потенцира доктор Ерик Лофгрен, епидемиолог од Универзитетот во Вашингтон.
Светски признати научници сега се фокусираат на едукација на јавноста дека вакцините даваат лична заштита, но дека нивната вистинска ефективност лежи во колективниот имунитет за да се сопре пренесувањето на вирусот. Затоа и кога ќе се вакцинирате, и понатаму треба да носите маска, често да миете раце и да продолжите да одржувате социјална дистанца.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.