Претставата „Медеја“ од Народниот театар „Иван Вазов“ – Софија го освои Гран при-то на 19. издание на „Скупифестивал“, кој синоќа заврши во Албанскиот театар во Скопје. Режијата е на Деклан Донелан, а претставата предизвика голем восхит кај жирито и публиката со современата интерпретација на класичната античка драма на Еврипид, пренесува Трибуна.

Во образложението на жирито што ги оцени осумте претстави се наведува дека „актерката Радина К’рџилова темата на Медеја ја носи на современ начин, таков што предизвика катарза кај публиката“.

„Комплетно театарско дело, со исклучителната игра на главната актерка Радина К’рџилова, темата на Медеја ни ја носи на современ начин, таков што предизвика катарза кај публиката. Доживеавме посебно театарско искуство, благодарение на извонредната актерска екипа и режисерскиот концепт. Цениме дека ‘Медеја’ на театарот ‘Иван Вазов’ се издвои од сите други претстави и покажа како антиката може да биде модерна и блиска до денешниот гледач“, се наведува во соопштението на жирито.

Во претставата „Медеја“ настапија Радина К’рџилова, Велислав Павлов, Валентин Ганев, Асен Данков, Јавор В’лканов, Стелиан Радев, Вера Табакова, Радена В’лканова, Жорета Николова, Стефанија Колева, Елена Иванова, Надја Керанова, Ана Пападопулу и две деца – актери.

Фестивалот „Скупифестивал“ годинава се одржа под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне“, на сцената на Албанскиот театар во Скопје. Настапија театарски куќи од Косово, Италија, Словенија, Турција, Србија и Бугарија.

Фестивалот има за цел да ја промовира културната размена и соработката меѓу регионалните театри, а е поддржан од Министерството за култура и туризам. Организатори се Музбајдин Ќамили, Сенко Велинов и Осман Ахмети, со придонес во дизајнот од Eggra.