Соочена со руската агресија, Украина се бори не само за сопствен опстанок, туку и за вредностите и идеите на кои се темели демократскиот свет, така што за ЕУ поддршката за Украина не е манифестација на алтруизам, туку прашање за заштита на сопствената слобода, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
-Повеќе од две и пол години, на Украина и е потребно нашето внимание, од очигледни причини. Разбираме дека Украина се бори не само за сопствен опстанок, туку и за истите вредности и идеи кои не држат заедно како глобални демократски заедници. Како ќе одговориме е лакмус тест на нашата политичка генерација, рече Мецола во Њујорк, за време на говорот на годишниот форум под покровителство на Универзитетот Конкордија, што се одржа како дел од сесијата на Генералното собрание на ОН, пренесува Укринформ.
Таа нагласи дека за неа и за Европскиот парламент одговорот на „украинскиот предизвик“ е многу јасен: Европа мора и ќе биде со Украина се додека е потребно.
-Ова не е манифестација на алтруизам или гласни изјави. Ние сме со Украина затоа што се залагаме за демократски светски поредок. Затоа што разбираме дека ако планот на рускиот претседател Владимир Путин да го заземе Киев биде успешен, тој нема да застане тука. Неговата агресија би продолжила да ги уништува вредностите и системите на кои работевме толку долго и напорно. Знаеме дека цената на непостапувањето би била поголема. Не треба тоа да го прифатиме, и не само да зборуваме за тоа, туку и да дадеме силна поддршка, нагласи претседателката на Европскиот парламент.
Мецола истакна дека Европа извесно време дозволуваше да потоне во лажно чувство на безбедност, кога се чинеше дека ниту една војска никогаш нема да ги премине граничните линии на европската мапа. Но, како што додаде таа, реалноста се покажала поинаква.
Таа посочи дека демократскиот свет во моментов не може да го тргне погледот од Украина, но дека во исто време е неопходно да се направи се за да се постигне деескалација на тензиите на Блискиот Исток и да се прекине кругот на насилство.
-Ние секогаш ќе го промовираме мирот, а тој мора да биде праведен, достоинствен и слободен. Тоа можеме да го направиме само кога ќе го направиме заедно, заклучи претседателката на Европскиот парламент.
Во Њујорк се одржува редовното 79-то заседание на Генералното собрание на ОН. Пред почетокот на дискусиите на високо ниво, се одржува дводневен Самит за иднината, кој започна во неделата и на кој земјите од светот се договорија за таканаречениот Пакт на иднината, што ги дефинира главните насоки на реформирање на ОН и подобрување на ефикасноста на нивната работа. Од 24 до 28 септември, како и на 30 септември ќе се одржат традиционалните општи дебати на високо ниво.