Kандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес – конференција од првиот круг за локалните избори вели дека очекува влез во вториот круг.

„Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за престолнината за град Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев член на тој совет пред да станам пратеник и од таа побуда од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека, навистина, нешто може да тргне во позитивна насока”, рече Мециновиќ.

Тој ги потенцираше клучните заложби за оваа кампања.

„Број еден и најбитен приоритет за нас во идниот мандат би бил јавниот превоз. Клучно прашање е прашањето на зачување на животната средина, а тука е и борбата со загадувањето на воздухот. Како што сум нагласил повеќепати, досега градските власти само ги третирале симптомите, не изворите на загадувањето. Изворите на загадувањето се од различна природа. Тоа е буквално од прашината која не се чисти од нашите улици, од инспекциските служби кои не можат да ја вршат својата работа на вистински начин и крајно – и преку давање на еден вистински модел на јавен превоз кој ќе им дозволи на скопјани да бараат алтернатива покрај личните возила како што се автомобилите“, додаде кандидатот на Левица за Град Скопје.

Мециновиќ кажа дека нема да дозволи приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на град Скопје.

„Напротив, ние сметаме дека тие капацитети треба да се окрупнуваат и мислам дека цела оваа порака добро резонира со граѓаните на град Скопје, затоа што ние сме сведоци дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје е сè повеќе и повеќе зависен од волјата на централната власт”, рече Амар Мециновиќ во однос на јакнењето на капацитетите на јавните претпријатија.

Текстот Мециновиќ: Oчекуваме влез во втор круг за Град Скопје е превземен од МАКФАКС.