Огнената група одржа средба со граѓаните на Чаир во Скопје. Изет Меџити потсети на причините поради кои избувнаа незадоволства во ДУИ, ставајќи акцент на извршната власт на чело со Артан Груби. Според Меџити, доколку гласачите знаеја дека Груби ќе биде вицепремиер, ДУИ ќе изгубеше многу полошо отколку во 2016 година.

„Да знаеше чаирчанец дека Артан Груби ќе биде вицепремиер, со најголема искреност ви велам дека ДУИ немаше да има 15 пратеници. Ви поставувам прашање, кој ќе собере гласови за ДУИ, за кого ќе работат тие заменици министри и директори поставени од оваа Влада? Ќе работат за ДУИ или за нивните партии?“, рече Меџити.

Организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети, побара од граѓаните да го отстранат од ДУИ, според него, семето на раздор што го засадил Артан Груби.

„Сите политички партии, без разлика на ставовите што ги кажаа сопартијците во однос на проширувањето на Владата, одржаа неколку средби. Само ДУИ, за жал, не одржа никаков официјален состанок за да се знаат причините зошто еден партнер треба да си замине, а друга партија да влезе“, рече Беџети.

Муса Џафери говорејќи за проширувањето на парламентарното мнозинство рече дека ДУИ ќе има последици од влегувањето на Алијанса во Владата.

„Го избркаа Јонуз го донесоа Томуз, така вели народот. Ова ќе има последици. На вашето момче, не му го спомнуваме името. За да го величаат му викаат „алтан“, му го знаете презимето, а кога го поминува Вардар и оди во Мериот, го викаат „златан“, рече Џафери.

Заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани во интервју за емисијата “200“ на Алсат рече дека Груби после собирот во Чаир треба да поднесе оставка.