Вработувањата на Албанците станаа законска обврска за државата, изјави вицепремиерот, Изет Меџити и додаде дека Владата на денешната седница го усвоила Предлог-законот за правична и соодветна застапеност.

Според Меџити, овој предлог-закон претставува историски момент, бидејќи, како што рече, по првпат правичната и соодветна застапеност, како уставна категорија од 2001 година, добива јасно и целосно законско решение.

„Иако ова прашање требаше да биде регулирано со закон уште во 2003 година, повеќе од две децении остана заложник на политичката волја. Предлог-законот гарантира: Еднаква пристапност во вработување и унапредување во јавната администрација; Правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавните институции, но и обезбедување вработувањето и унапредувањето да се вршат врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец и создавање институционални и процедурни механизми за избегнување на дискриминацијата и за зајакнување на инклузивноста“, рече Меџити.

Според Меџити, овој, иако задоцнет, но неопходен чекор, конечно ја тргнува застапеноста од влијанието на дневната политика и го прави законско право за секој граѓанин, без оглед на етничката припадност.