Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денеска го претстави еден од приоритетните проекти од неговата програма – трансформација на улицата „Мид’хат Фрашери“ (поранешна „Македонско-Косовска Бригада“) во модерен булевар.

Според најавата, проектот ќе започне во првата година од мандатот и предвидува изградба на булевар со должина од 1.850 метри и профил од 25 метри, во соработка со Град Скопје. Булеварот ќе има четири коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки и зелени површини.

Меџити посочи дека новата сообраќајница ќе биде клучна артерија што ќе го поврзе Чаир со улицата „Џон Кенеди“, олеснувајќи им го пристапот на студентите до универзитетите и зајакнувајќи ја врската меѓу Центар, Чаир и Шуто Оризари.

Во следната фаза, е предвидена целосна трансформација и на улицата „Џон Кенеди“, со што ќе се изгради нов современ урбан прстен.

„Овој проект не е само асфалт и бетон. Тоа е нашата визија за еден поразвиен, побезбеден Чаир, поблиску до европските стандарди,“ изјави Меџити.

Од коалицијата ВЛЕН нагласуваат дека остануваат посветени на реализација на капитални инфраструктурни проекти кои директно ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.

Текстот Меџити најави нов модерен булевар во Чаир е превземен од МАКФАКС.