Министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција која ја одржа заедно со в.д. директорите на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска и Хаљид Матоши, истакна дека тие имаат увид во она што се случувало на Клиниката за онкологија, дека се што е побарано од нив од МВР и од обвинителството им е дадено, но за тоа кој е одговорен за криминалот таму одговори треба да даде обвинителството. Меџити и д-р Клисаровска побараа случајот да биде расчистен во најкус можен рок.
-Длабоко ме погоди и разгневи случајот на Клиника за онкологија, за кој Основното јавно обвинителство покрена истрага за сторено кривично дело. Клиниката за онкологија како што знаеме сите е институција која треба да служи како светилник на надеж за нашите болни од рак. Овој случај мора да биде целосно расчитен во најкус рок. Го разбирам гневот и фрустрацијата што овој се уште до крај неистражен случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогените заболувања, рече Меџити на прес-конференцијата.
Нагласувајќи дека како министер за здравство кој, како што кажа, неодамна ја презел функцијата, ќе направи се што е во негова моќ овој случај прво да се расчисти, да се утврди и санкционира одговорноста на секој за кого ќе се докаже дека има удел во овој вид злосторство, како и дека ќе создаде услови за никогаш да не се повтори.
Меџити рече дека Министерството тесно ќе соработува со органите на прогонот и судството за да се обезбеди темелна и непристрасна истрага и дека тие ќе бидат транспарентни во текот на овој процес.
-Никој од здравствениот систем нема и не смее на ниеден начин да се обиде да ги заштити престапниците. Будно ќе го следиме процесот, и доколку поединци во здравствениот систем се обидат да ја манипулираат истрагата, остро ќе реагираме. Дополнително, ги охрабруваме сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат во оваа истрага да не контактираат нас и институциите на прогонот. Мора сите заедно да придонесеме за обезбедување на сите потребни информации и што потемелна истрага, истакна Меџити.
Меџити рече дека во периодот кога тој е министер состојбата на онкологија е променета. За биолошката терапија за пациентите сега не одлучуваат еден или двајца доктори туку раководителите на сите 12 оддели на Клиниката еднаш неделно, а од тој момент директорката е изземена.
Министерот за здравство Меџити и медицинскиот директор на Клиниката за онкологија Клисаровска потенцираа дека во овие шест месеци терапијата за пациентите е безбедна и сигурна и дека нема манипулации со терапијата.
-За тоа како било порано сум споделил и тоа што било не е во мој домен, рече министерот за здравство.
Во однос на следните чекори како Министерство тој истакна дека јавноста треба да знае дека КАТО системот не е фрлен ниту е во подрум туку е во првичната просторија во склоп на клиничката аптека и таа соба е заклучена.
-Веќе неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност се прават финасиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на Буџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина, рече министерот.
Утрово тој одржал состанок со директорите на Онкологија, а утре ќе се сретне и со стручниот онколошки конзилиум кој одлучува кои пациенти колку терапија ќе примаат.
-Начинот за контролирање на терапијата, болеста на пациентите и терапија која ја примаат, неколку месеци наназад одлучува стручен онколошки конзилиарен колегиум. На овој начин се спречува самостојно, еднострано одлучување за терапија или злоупотреби. Но, јас инсистирав да има уште построги механизми за контрола и за кои ќе барам секој месец личен извештај од двајцата директори на клиниката, кажа Меџити.
Меџити и Клисаровска побараа да не се ставаат сите доктори во ист кош и ги уверуваа пациентите дека сега нема проблеми со терапијата. Замолија да нема шпекулации за дополнително да не се вознемируваат пациентите.
-Сакам да ги уверам пациентите и јавноста, дека терапијата која се дава на Клиниката за Онкологија е соодветна и ефикасна. Замолувам да не се прави генерализирање и напади на целиот персонал на Клиниката, кој во најголем дел стручно и совесно ја врши својата работа. Нарушување на довербата кај пациентите кои во моментов се лечат е недоговорно и опасно, рече Меџити.
Министерот кажа дека тие исклучително ја ценат грижата и добронамерните коментари на граѓаните, но апелираат и замолуваат да не се шират невистини, да не се поттикнуваат хајки и омраза, туку да се помогне конструктивно на сите институции за што побрзо решавање на случајот.
-Сторителите на криминал имаат име и презиме и во процесот на неговото разоткривање и санкционирање мора да ги заштитиме докторите и целиот медицински персонал кој со голема грижа и посветеност ги лекувал и им помагал на болните во таа клиника. Сакам да ве уверам сите дека нашиот фокус останува на безбедноста на пациентите, транспарентноста и одговорноста, рече Меџити.
Од име на колегиумот на Клиниката на онкологија в.д директорката Клисаровска во врска со постапката која е во тек, кажа дека тие се целосно достапни на надлежните органи со цел брзо откривање на евентуалните виновнцини. Тие најостро го осудуваат секое несовесно постапување во Клиниката. Апелираше до надлежните надлежните институции час поскоро ако има виновници тие да бидат изведени пред лицето на правдата.
Д-р Клисаровска излезе со молба и апел да не се генерализира проблемот врз целиот медицински тим. Таа одговорно им тврди на пациентите дека од ноември 2022 година кога таа е назначена за медицински директор секој пациент ја добива препишаната терапија без никави манипулации со лековите.
Таа кажа дека претходно имала информации за бездноста на лековите по допрен глас, но дека тие не можеле да докажат. Д-р Клисаровска рече дека веќе има една медицинска сестра која во мај добила отказ од работа бидејќи била фатена со украдена терапија, но не од таа терапија за која се зборува во јавноста.
Потврди дека поранешниот директор д-р Нино Васев денеска е дојден на работа на Клиниката.