Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити како еден од лидерите на „Вреди“ денес кажа дека предлогот за нов министер за здравство ќе го дадат откога ќе завршат преговорите кои во моментов ги водат со членови на албанските партии кои сега се опозиција. Тој е убеден дека многумина членови на Алијанса за Албанците кои не ја поддржале одлуката на лидерот Арбен Таравари за излегување од „Вреди“ и од Владата, ќе преминат кај нив, но преговараат и со членови на други албански опозициски партии.
„Деновиве сме во преговори за повеќе опции, како политички опции. Ќе видиме како ќе заврши тоа па врз основа на тоа ќе дадеме нов предлог за Министерството за здравство. Мислам на други поединци, политички субјекти кои се надвор од ‘Вреди’ во рамки на Европскиот фронт кои сега се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна. Преговараме со повеќемина, ќе ве известиме кога ќе има резултати. Тоа сигурно ќе биде следната недела“, рече министерот Меџити.
Тој вчера кажа дека по излегувањето на Алијанса за Албанците од Владата, сите позиции што ги имале во Владата ќе останат во „Вреди“. Меџити денес потврди дека вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи од Алијанса за Албанците е можно да остане на функцијата и по излегувањето на неговата партија од Владата.
„Добро ја тера работава, значи успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“, рече Меџити.
Со кадровските смени во Владата и премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се занимава следната недела.
Арбен Таравари, пак, вчера извести дека и официјално ја достави неотповикливата оставка до премиерот Мицкоски по внимателна лична и професионална одлука.
Текстот Меџити ќе чека на „Вреди“ да се приклучат членови од опозициските албански партии, а потоа ќе предложи нов министер за здравство е превземен од МАКФАКС.