Пишува: д-р МАРИНА ТУНЕВА
Гласот што се слуша е гласот што менува
„Првпат се слушнав себеси како кандидатка“, рече една од учесничките на неодамнешна обука за јавен настап и политичка комуникација со жени кои размислуваат да се кандидираат на локалните избори. Не зборуваше за техниката на говорење, туку за чувството како звучи и како се чувствува кога зборува со намера да биде слушната и сфатена сериозно.
Сè повеќе жени денес не се задоволуваат со улогата на тивки поддржувачи во своите заедници. Tие настапуваат со јасна намера да учествуваат во процесите на одлучување. Нивниот влез во политиката не е само прашање на бројки или квоти, туку процес на создавање видливост, градење самодоверба и освојување простор што долго време бил привилегија на други. Секоја жена што јавно настапува со политичка порака, било тоа да е на трибина, при медиумски настап или во објава на социјалните мрежи, го менува наративот за тоа кој има право да биде слушнат и како изгледа лидерството.
Токму во тие мали, но суштински премини, од „можеби еден ден“ до „зошто не сега“ започнува сериозната приказна за учеството на жените во јавниот и политичкиот живот. Но, тоа учество не зависи само од личната волја или амбиција. Зависи и од амбиентот што го создаваат медиумите: како ги прикажуваат жените, колкав простор им отстапуваат и дали нивниот глас го засилуваат или, пак, го пригушуваат.
Иако жените сè почесто преземаат активни улоги во јавната сфера, нивната медиумска застапеност останува ограничена, како квантитативно, така и квалитативно. Во медиумските содржини посветени на политиката, мажите доминираат и по број и по фреквенција, особено за време на изборни кампањи. Овие бројки, сепак, го отвораат поширокото прашање: не само дали жените се присутни, туку и на кој начин се прикажани.
Затоа, оваа анализа има за цел да придонесе кон пошироката дебата не само за тоа колку жените се присутни во медиумите, туку и како се прикажани. Преку избрани примери и согледувања, таа ги допира начините на медиумско претставување, но и феномените на дезинформации и говор на омраза насочени кон жени во јавниот живот. Намерата не е да се понуди целосна слика, туку да се отвори простор за критичко читање на медиумските практики низ едно клучно прашање: Дали медиумите во нашата држава им даваат легитимен простор на жените во политиката или го ограничуваат нивниот опсег?
Жените во медиумите – присутни на маргините
И покрај сè поголемото учество на жените во јавниот живот, медиумската слика за политичарките и натаму останува проблематична, ограничена и искривена. Не станува збор само за недоволна бројност, туку за рамка на прикажување што ги сведува жените на споредни улоги, честопати претставувајќи ги низ сензационалистички филтер кој го акцентира нивниот изглед, емоции или приватен живот, наместо нивните ставови, компетенции и политички позиции.
Анализата „Политичарките и медиумската пристрасност“ на Институтот за комуникациски студии спроведена за периодот од март до мај 2024 година – од официјалниот рок за доставување на претседателските кандидатури до вториот круг на избори што се совпадна со парламентарните – покажува дека жените не само што се помалку застапени, туку и кога се присутни, нивната појава честопати е третирана низ призма на родови стереотипи. Наместо да се анализира нивната политичка програма, тие се етикетирани како „шармантни“, „несигурни“ или „емоционални“, со што се поткопува нивната легитимност и нивната присутност се сведува на симболична димензија.
Овие обрасци се потврдуваат и во друго истражување на ИКС „Родов говор на омраза за време на претседателските избори 2024“, каде што се регистрира загрижувачка практика на дисквалификација на кандидатките преку сексистички и ејџистички наративи. Особено беше таргетирана кандидатката Гордана Сиљановска – Давкова, која често беше навредувана преку терминот „Баба Гога“, присутен во голем број коментари на Фејсбук. Оваа формулација имаше за цел да ја тривијализира нејзината улога во политиката, да го одвлече вниманието од нејзината програма и да ја претвори нејзината кандидатура во предмет на потсмев, врз основа на нејзината возраст и пол.
Оваа практика не е изолирана. Според Анализа на Вестминстер фондацијата за демократија, дури и во сопствената партиска комуникација, жените честопати се прикажани преку призмата на нивната семејна улога или физички изглед, наместо преку нивната стручност, искуство и политичка експертиза. На тој начин се одржуваат постоечките стереотипи и се спречува процесот на нивно целосно политичко зајакнување. Дополнително, изборната реторика и медиумското известување сè уште се обременети со недостиг на родова сензитивност, не само во јазикот, туку и во суштината на пораките што ги испраќаат. Притоа, честопати се рециклираат дискриминирачки ставови од партиски лидери, кои остануваат некритички пренесени во медиумите. Анализата покажува и дека кога жените се вклучени во кампањите, тоа ретко се случува со цел да се промовира родова еднаквост. Многу почесто тоа е декларативно или симболично претставување, без суштинска ангажираност или стратешки план за нивно вклучување во процесите на одлучување.
Истите тенденции се повторуваат и во анализата на Транспаренси Интернешнл – Македонија „Гласот што не се слуша: Медиумската застапеност на министерките во Северна Македонија (јули-декември 2024)“. И покрај изборот на првата жена – претседател, родовиот дисбаланс во медиумската покриеност на жените министри останува длабок. Од 133.000 анализирани медиумски прилози и 11.000 објави на социјалните мрежи, дури 90% од споменувањата се однесуваат на мажи министри, а само 10% на жени, иако министерките сочинуваат 12,5% од владата. Жените се поврзани исклучиво со „традиционално женски“ ресори, а дури и таму поважно медиумско внимание добиваат мажите. На социјалните мрежи, министерките предизвикуваат повисока интеракција, но најчесто поради тоа што нивната видливост сè уште се перципира како „исклучок“. Жените не се отсутни, тие се системски „незабележани“. Овој третман, без имиња, без ликови и цитати, го оневозможува создавањето на женски политички авторитет и долгорочна јавна легитимност.
Невидливи рани: Жените под тежината на виртуелната омраза
Жените што се појавуваат во политиката и медиумите не се таргетирани само поради своите идеи, туку и поради самото нивно присуство. Кога жените заземаат позиции на авторитет, нивната видливост се доживува како провокација или нарушување на нормата. Наместо анализа на нивните ставови или резултати, жените се соочуваат со навреди базирани на изглед, возраст, пол или начин на комуникација.
Овие напади не се инцидентни, тие се дел од подлабока култура на системска дигитална деградација на жените што зборуваат, одлучуваат или, пак, се јавно присутни. Истражувањата на Институтот за комуникациски студии и на Транспаренси Интернешнл – Македонија покажуваат дека жените кандидатки за изборната 2024 година беа хипервидливи не поради своите политики, туку како мети на сексистички и дигитални напади. Нивната јавна гласност се третираше како нарушување на „машкиот политички простор“, нешто што мора да биде „санкционирано“ со иронија, омраза и дезинформации.
Ова не се однесува само на изборните циклуси. Случајот со поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, е илустративен: таа со месеци беше изложена на координирана онлајн кампања на навреди и булинг. Нејзините политики беа сосема занемарени, а нападите се фокусираа на изгледот, полот и „непогодноста“ да води безбедносен ресор.
Последиците се длабоки. Ваквите форми на дигитално насилство ја поткопуваат слободата на изразување, создаваат атмосфера на страв и автоцензура и директно ги одвраќаат жените од политичка и јавна ангажираност. Нападите најчесто користат емоционална манипулација, закани и фабрикувани информации, што резултира со намалена јавна доверба и зголемена ранливост на жените кои се гласни.
Кога институциите молчат, заканите зборуваат
Јавниот простор сè уште не е рамноправно поле за жените, без разлика дали станува збор за политичарки, активистки или новинарки. Секоја жена којашто јавно зазема став, отвора прашања околу родовата еднаквост или критички ги следи институциите на моќ ризикува да стане мета. Силна илустрација за ова е примерот со тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во кој се вклучени жени новинарки и активистки, кои континуирано се таргетирани со онлајн говор на омраза и повици за насилство поради нивната истражувачка работа на чувствителни и јавно важни теми.
Медиумската слика за жените во политиката не може да се третира изолирано. Зад сензационалистичките наслови и стереотипите стои поширок систем на деградирање на женскиот глас, систем што го чувствуваат не само оние што се избираат, туку и оние што известуваат. Како што укажува експертката Татјана Хилшер-Богусевич, кога жените се претставени стереотипно или исклучени од медиумското покривање, тоа создава перцепција дека политиката не е простор за жени, што директно влијае врз гласачите и нивната подготвеност да поддржат жена кандидатка.
Новинарките, кои треба да бидат чуварки на вистината и гласот на јавноста, сè почесто се мета на напади што немаат никаква врска со квалитетот на нивната работа. Наместо аргументирана критика на методологијата или содржината, тие се напаѓани само поради тоа што се жени кои зборуваат. Како што гласот станува позиција за жените во политиката, така станува и за оние што информираат, подложени на постојана закана од навреди, дискредитации и заплашувања.
Иако недостига сеопфатна слика за родово базираните напади врз новинарките, индивидуални сведоштва и обраќања до професионалните новинарски здруженија укажуваат на постојаност на сексистички коментари, омаловажувања и дигитален булинг, само поради фактот што се жени. Според публикацијата на ЗНМ „Безбедноста на новинарите и медиумските работници – реалност или континуирана казна“, жените во медиумите се особено изложени на родово засновано онлајн вознемирување, насочено кон нивно заплашување, дискредитација и изолација од јавната сфера. Овие форми на дигитална агресија честопати ги надминуваат границите на личниот простор и влијаат врз нивната безбедност, психолошка состојба и професионална мотивација. Сето ова се одвива во медиумски систем што ретко препознава или пријавува вакви инциденти. Институционалниот молк создава атмосфера на неказнивост, каде што заканите и навредите не само што не се санкционираат, туку стануваат и нормализирана состојба.
Во 2024 година, ЗНМ регистрира четири случаи на груби закани и напади врз новинари и медиумски работници. Особено алармантни се случаите на новинарките Лепа Џундева, Мирослава Симоновска и Рита Бехадини, чии искуства, од организирани онлајн кампањи и неовластено следење, до експлицитни закани за сексуално и физичко насилство, сведочат за интензитетот и родовата специфичност на овие напади. Џундева беше цел на организирано дигитално оцрнување проследено со навреди и повици за насилство, додека Симоновска беше тајно снимана, а видеото 0без нејзина согласност беше дистрибуиранo до медиуми. Иако случајот на новинарката Рита Бехадини не е меѓу официјално евидентираните инциденти за 2024 година, тој и понатаму останува актуелен поради неговата тежина и родово заснованата природа. Во 2023 година, Бехадини беше цел на експлицитни закани за сексуално и физичко насилство преку Фејсбук, упатени и кон нејзиното семејство, како реакција на нејзин јавен став поврзан со изјава на верски лидер. Случајот е пријавен до Министерството за внатрешни работи и се наоѓа во судска постапка, под постојан мониторинг на ЗНМ.
Овој молк е особено опасен. Тој не само што ги истиснува жените од јавниот простор, туку и го подрива самиот демократски поредок. Кога жените што известуваат се принудени на автоцензура или повлекување од јавниот дискурс, се намалува разновидноста на гласови, теми и перспективи во медиумите. Тие не се само жртви, тие се (и мора да бидат) чуварки на транспарентноста, одговорноста и јавниот интерес. Во медиумски екосистем каде што гласот станува позиција, жените што информираат се меѓу најизложените и најранливите. Тоа се случува затоа што нивниот професионален и родов идентитет се преклопуваат во точка на висока јавна видливост, а истовремено недоволна институционална заштита. Кога една новинарка е нападната само затоа што нејзиното истражување засега моќни интереси, а притоа е етикетирана како „исфрустрирана жена“ или „невоспитана“, тоа не е само лична навреда, тоа е обид нејзиниот глас намерно да се потисне и избрише од јавниот простор. Реакцијата на Платформата за родова еднаквост во предизборниот период 2024 дополнително го потврдува овој тренд. Во нивното соопштение се алармираше за зачестен говор на омраза и мизогини напади врз жени кои се јавни личности или кандидатки.
Затоа, овој феномен не смее да се третира како спореден или личен, туку како прашање од јавен интерес, поврзано со слободата на говор, одговорноста на институциите и суштинската еднаквост во демократското општество.
Алгоритамот не е неутрален: Вештачката интелигенција и дигиталната дискриминација на женскиот глас
Иако дигиталниот медиумски систем се претставува како отворен, динамичен и еднаков за сите, реалноста е далеку покомплексна. Видливоста на одредена содржина не зависи од нејзината важност, туку од тоа како ќе ја обработи алгоритамот. Тој алгоритам, поставен како филтер меѓу корисникот и светот на информации, игра клучна улога во тоа кој глас ќе се појави и во каков контекст.
Платформите како Facebook, YouTube, TikTok и X се водени од алгоритми кои не ја вреднуваат содржината според нејзината суштина, туку според нејзината способност да генерира реакција. Објавите што предизвикуваат гнев, шок или поделеност имаат приоритет пред оние што нудат факти, аналитика или конструктивен дијалог. Така, ангажманот станува поважен од вистината, а видливоста станува награда за провокацијата, а не за компетентноста.
Во ваквиот амбиент, жените што активно говорат во јавниот простор, било да се политичарки, новинарки или активистки, од алгоритмите не се третирани како извори на релевантно мислење, туку како содржина „што предизвикува реакција“. Тие неретко стануваат мета на негативни коментари и координирани напади не само поради ставовите што ги имаат, туку затоа што нивното гласно присуство ја нарушува очекуваната тишина на доминантно машкиот дигитален простор.
Алгоритмите ја препознаваат таа вознемиреност како вреден ангажман и ја наградуваат. На тој начин се создава изобличена хиерархија на видливост во која жените стануваат „вирални“ не кога се стручни, туку кога се нападнати. Нивниот придонес се губи под товарот на иронијата, деградацијата и говорот на омраза. Наместо да отворат простор за плурализам, алгоритмите го зајакнуваат постоечкиот дисбаланс.
Иако технички претставени како неутрални, алгоритмите во пракса ја репродуцираат системската пристрасност што веќе постои во општеството. Жените во политиката и медиумите, дури и кога добиваат медиумски простор, неретко се прикажани низ стереотипи и дисквалификации. Алгоритмите не го менуваат тој наратив, напротив, тие го засилуваат, го шират и го нормализираат.
Со појавата на генеративна вештачка интелигенција, овие ризици се усложнуваат. Новите алатки можат да создадат текстови, фотографии, видеа и аудиозаписи што изгледаат реално, но се целосно измислени. Тоа ја отвора вратата за уште подлабока дигитална манипулација. ‘Дипфејк’ (deepfake) видеа или фабрикувани изјави можат лесно да се искористат за дискредитација, особено на жени, чие дигитално присуство веќе се третира како „контроверзно“. Во контекст на постоечката култура на сомнеж и омаловажување, овие технологии претставуваат директна закана за дигнитетот, безбедноста и кредибилитетот на жените во јавниот простор.
Како одговор на овие предизвици, во мај годинава Советот за етика во медиумите на Македонија ја усвои Декларацијата за етичка и одговорна употреба на вештачка интелигенција во медиумите. Овој документ претставува прв систематизиран обид за поставување рамка на принципи што го штитат јавниот интерес, човековите права и достоинството на поединецот во време на технолошка трансформација. Декларацијата нагласува дека употребата на алатки засновани на вештачка интелигенција мора да биде транспарентна, под контрола на уредниците и новинарите и никако не смее да резултира со содржини што предизвикуваат дискриминација, деградација или вознемирување.
Оваа иницијатива се вклопува во глобалниот тренд на воспоставување етички и регулаторни стандарди во областа на вештачката интелигенција. УНЕСКО во 2021 година ја усвои Препораката за етичка употреба на вештачка интелигенција, која го истакнува прашањето на родова еднаквост како еден од столбовите на одржливата и праведна технолошка иднина. Во 2024 година, Европската Унија го усвои Законот за вештачка интелигенција, првиот правно обврзувачки акт од ваков тип, кој ги третира медиумите, изборите и политичката комуникација како високоризични области што бараат посебни заштитни механизми. Истата година, Советот на Европа ја донесе Рамковната конвенција за вештачка интелигенција и човекови права, која експлицитно бара секоја технологија на вештачка интелигенција да биде развивана со вградено почитување на демократијата, недискриминацијата и транспарентноста.
Во Република Северна Македонија засега нема законска рамка што обезбедува заштита од злоупотреба на вештачката интелигенција, особено во контекст каде што жените се најчеста мета.
Оваа нова, дигитална реалност ја отвора потребата од поинаков пристап, кој нема да биде парцијален, туку меѓусекторски. Прашањата што се отвораат не се технички, туку суштински општествени: како да се обезбеди еднаквост во просторот каде што гласот станува видливост, а видливоста моќ. Она што денес го креираат алгоритмите, утре ќе стане медиумска реалност што ќе одредува кој ќе биде слушнат, видлив и заштитен.
Без активно препознавање на новите облици на дигитална дискриминација и без вклучување на перспективата на родовата еднаквост во политиките, регулативата и едукацијата, постои ризик дигиталниот простор не само да ги репродуцира, туку и да ги продлабочи постоечките нееднаквости. А просторот што го прифаќа тоа, не може да се нарече демократски.
Промената не се случува сама и не припаѓа на еден сектор
Во годините зад нас, многу нешта се променија, но останува суштинското прашање: дали градиме медиумска и општествена реалност во која женските гласови се слушаат не затоа што се исклучок, туку затоа што се рамноправен дел од јавниот говор? Одговорот не лежи само во медиумите, ниту само во институциите. Тој се крие во начинот на кој општеството како целина решава да се соочи со родовата нееднаквост и да ја адресира низ заедничко дејствување.
Денес сведочиме на сè поголем број знаци на отпор и ангажман: редакции што одбиваат да ја сведат женската видливост на изглед или возраст, едукативни иницијативи што ги зајакнуваат капацитетите на младите новинари и новинарки, анализи што ги документираат формите на говор на омраза, особено за време на изборни циклуси, како и граѓански акции што бараат одговорност од платформите, регулаторите и јавните институции. Состојбата е сложена, со различни обиди за да се направи промена, кои не се секогаш усогласени, но сите се движат кон иста цел, да се создаде јавен простор каде што жените не мора да го докажуваат правото да зборуваат, туку тоа право да им биде признаено, заштитено и поддржано.
Во овој процес, граѓанското општество игра клучна улога. Овој сектор честопати е единствениот што реагира кога институциите молчат. Од следење на родово базирано насилство во медиумите, до обуки за жени и младински програми за критичко медиумско читање, сè повеќе се гради средина во која родовата еднаквост се третира како важен дел од демократијата.
Но, ова не може да биде одговорност само на еден сектор. Станува јасно дека е потребна долгорочна и организирана соработка што ќе ги поврзе медиумите, технологијата, политиката, образованието и граѓанскиот сектор. Тоа е важно затоа што алгоритмите, дезинформациите и говорот на омраза ги напаѓаат најранливите, без да почитуваат институционални граници.
Затоа мора да биде јасно: секоја иницијатива, без разлика дали произлегува од регулаторното тело, од медиумска куќа, граѓанска организација, универзитетска програма или поединец, претставува клучен дел од поширокото движење за дигитална правда и родова еднаквост. Оваа анализа не се обидува да издвои ниту да подреди. Напротив, таа го препознава заедничкиот напор, без разлика колку тивок или мал делува во градењето на простор каде што женските гласови се неизбежен дел од јавната комуникација и демократската структура. Вистинската промена не произлегува од изолиран напор, туку од интерсекторски и интерсекциски пристап што ги поврзува сите што се борат за видливост, достоинство и заштита на жените, институции, организации, медиуми и поединци. Само кога секој од тие гласови ќе биде слушнат, поддржан и препознаен, можеме да зборуваме за трансформација што не само што е можно остварлива туку и неопходна. Токму во таа точка на вкрстување на различни сектори и перспективи се втемелени препораките што следуваат во продолжение.
Гласот да не биде исклучок, туку правило
Ако оваа анализа открива нешто, тоа е дека начинот на којшто се третираат жените во јавниот дискурс не е само медиумско или политичко прашање, туку суштинско прашање на демократијата. Видливоста не е привилегија, туку предуслов за еднакво учество. И токму затоа, промената не треба да се бара само во бројките, туку во тоа како се прикажуваат жените, кои приказни се раскажуваат, какви одлуки се носат во редакциите и институциите и како алгоритмите ја обликуваат нашата информативна реалност.
За гласот на жените да стане дел од нормалноста, а не исклучок што се толерира, неопходно е да се препознаат, поврзат и поддржат сите постоечки иницијативи, идеи и обиди за промена во медиумите, институциите и граѓанскиот сектор, а и да се отвори простор за нови.
Првиот и најважен чекор е вложување во едукација што развива родова чувствителност и медиумска етика. Работилниците, обуките и дискусиите што ги организира професионалната медиумска заедница, медиумите и граѓанските организации не треба да бидат споредни активности, туку дел од долгорочна стратегија. Преку нив се зајакнува саморегулацијата, се менува јазикот и се воведуваат нови уредувачки политики што го прават присуството на жените нормално, а не исклучок.
Во овој екосистем на промена, особено важна е улогата на медиумскиот регулатор и професионалните здруженија. Поддршката за редакциите, развојот на родово сензитивни индикатори, креирањето јасни упатства за следење на јазикот и наративите, како и поттикнувањето соработка со медиумите, се клучни чекори за напредок. Овие активности не значат само надзор, туку и партнерство, лидерство и долгорочна поддршка.
Граѓанскиот сектор останува важен двигател на промени, со практики што нудат иновации, независен надзор и реакции на неправди. Преку иницијативи за медиумска писменост, обуки за жени и млади, мониторинг на изборен говор, поддршка на новинарки и проекти што ги документираат формите на дискриминација и дигитално насилство, овој сектор создава контекст во кој родовата еднаквост станува составен дел од демократското дејствување, а не декоративна реторика. За овие процеси да бидат одржливи, потребна е долгорочна институционална поддршка и јасно препознавање на нивната вредност за општеството во целина.
Соочувањето со предизвиците на вештачката интелигенција и новите форми на дигитална дискриминација бара усогласени, координирани одговори. Потребна е меѓусекторска соработка за креирање заеднички механизми на заштита што ќе го стават достоинството на жените во центарот на дигиталните политики. За таа цел, неопходни се стратешки и сеопфатни мерки, од регулативи до едукативни алатки, што ќе се справат со приоритетот на алгоритмите, ќе го ограничат виртуелното насилство и ќе ги препознаат новите форми на дезинформации.
И најважно од сè, жените што секојдневно се соочуваат со последиците од искривениот јавен дискурс, мора да бидат во срцето на секоја стратегија, регулатива или медиумска реформа. Политичарките, новинарките, активистките не смеат да бидат третирани како симболични соговорнички или формални потписнички на некој документ, туку како носителки на знаење, искуство и решенија. Нивното учество не е додаток, туку предуслов за ефикасноста на секоја политика што има амбиција да биде праведна, одржлива и применлива во реалниот живот.
Овие препораки не се рецепти, ниту готови решенија. Тие се повик за здружено дејствување, низ медиумите, институциите, граѓанскиот сектор и технолошката заедница, за да изградиме јавен простор каде што гласот на жените не се брани, туку се подразбира. Само тогаш можеме да зборуваме за медиумска реалност што не само што информира, туку ѝ служи на демократијата.
Извор: ИМА