Меѓу 25 и 30 проценти од македонското население е во енергетска сиромаштија. Но, тука не спаѓаат само оние луѓе кои по дефиниција се под прагот на сиромаштија, туку и оние што живеат во семејство со ниска економска активност поради недостигот на пари да ги опслужат плаќањата поврзани со енергија во домот, беше речено пред денешната презентација на Прирачникот за енергетска сиромаштија во земјава.
Според статистиките на Еуростат, во 2020 година една третина до една четвртина од луѓето во земјава можеле задоволително да го загрејат домот.
Како што истакна Ана Стојиловска од „Аналитика“ која е и автор на Прирачникот, се очекува оваа бројка да се зголеми за 2021-ва, 2022-ра и 2023 година.
-Енергетскатата сиромаштија треба да заземе централно место во агендата на државата. Тоа не е проблем што може да се реши со субвенции или со давање финансиска поддршка. Напротив, мора да се работи на подобрување на системот за социјална заштита, како и на подобро регулирање на енергетскиот сектор за граѓаните да учествуваат во енергетската транзиција. Тука би ја спомнала „праведната енергетска транзиција“ која подразбира да не одиме само со замена на фосилни гприва со обновливи извори, туку да се демократизира енергетскиот сектор – да се овозможи граѓани да произведуваат струја, да ја трошат и да ја продаваат, но и да бидат дел од енергетските задруги, рече Стојиловска.
Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија истакна дека има постојана неконзистистеност и некоординираност на политиките во оваа област.
-Или ќе ја превенираме енергетската сиромаштија со правилни мерки и политики или нееднаквоста, односно разликата во домаќинствата ќе биде уште поголема, подвлече Дуковска.
Неопходни се, дополни, палета мерки кои не ги опфаќаат само оние кои се сега во енергетска сиромаштија, туку превенираат да не влезе дополнителен број семејства во тој круг.
Според Сања Трпковска од Цепросард, енергетската ефикасност влијае врз намалување на енергетската сиромаштија, но не е доволна.
-Мора да имаме енергетско ефикасни домови, но сиромашните луѓе тоа не можат да си го дозволат. Понудените мерки во облик на субвенции не се доволни за справување со овој проблем, посебно поради фактот што секогаш сиромашните граѓани заостануваат при ефикасно користење на овие мерки, рече Трпковска.
Владимир Стојановски од Здружението на граѓани за подршка на шумарството и животната средина ТРИФОР – Скопје укажа на итноста од подигнување на јавната свест за важноста на екосистемските услуги, нивно зачувување и унапредување. Тој истакна дека во моментов има нов закон за шуми, каде се дава посебен акцент на сиромашните.
Прирачникот го изработи „Аналитика“, а наменет е за широка група чинители кои работат на енергетски, социјални, еколошки, здравствени, родови, климатски и сродни прашања. Прирачникот илустрира повеќе аспекти на енергетската сиромаштија и нуди 28 препораки.